Чавушоглу и Вучиќ разговараа за билатералните односи и регионалните прашања     Фото: АА

Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, во рамките на својата посета на земјите од Балканот, во Белград се состана со претседателот на Србија Александар Вучиќ со кој разговараше за билатералните и регионалните прашања.

За време на средбата Чавушоглу и Вучиќ освен за регионалните и билатералните прашања, разговараа и за натамошното унапредување на економската соработка, со посебен акцент на инвестициите, енергетиката и инфраструктурните проекти.

„За време на средбата разговарано е и за потпишување договор со кој на граѓаните на Србија и Турција ќе им се овозможи да ги посетуваат двете земји само со лични карти“, соопшти Службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија.

Вучиќ посочи дека Србија останува посветена на натамошно унапредување на соработката во сите области од заемен интерес и изрази задоволство од развојот на политичките односи меѓу двете земји кои се на највисоко ниво благодарение на интензивниот дијалог, довербата и заемната поддршка.

„Ние ја гледаме Туркије како силен партнер и многу сме посветени на развивање и продлабочување на севкупните односи. Имаме заеднички економски интереси и важно ни е Туркије да го помага развојот на помалку развиените делови на Србија со големи инвестиции“, рече Вучиќ и посочи дека високо го цени личниот придонес на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во билатералната соработка и носењето турски инвеститори во Србија.

Инфраструктурното поврзување клуч за економски развој

Вучиќ истакна дека инфраструктурното поврзување е клучот за уште посилен економски развој и поголеми инвестиции, но и за соработка во целиот регион, а Автопатот Белград - Сараево - Белград е најважниот проект што ќе се реализира со финансиска помош на Туркије.

„Соработката на проектот за изградба и експлоатација на „Турски тек“, кој овозможува снабдување на регионот со природен гас, а чија реализација обезбедува диверзификација на патиштата и изворите на снабдување и ја подобрува безбедноста на снабдувањето на нашите земји и поширокиот регион, е исклучително важно за Србија“, порача претседателот на Србија, констатирајќи дека земјата е заинтересирана за продолжување на соработката во областа на енергетиката, но и во туризмот како сектор со голем потенцијал.

Вучиќ на средбата со турскиот министер за надворешни работи рече дека зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот е од клучен интерес за Србија и дека само интензивната соработка на сите земји од Западен Балкан може да овозможи просперитет и развој не само на Србија, туку и на сите околни земји.

Чавушоглу ги пренесе поздравите на Ердоган, кој, како што најави, наскоро ќе ги посети Србија и регионот. Тој се заблагодари за големата поддршка што Србија ја дава на турските компании, како и за посветената работа на таа земја на постојаното подобрување на условите за инвеститорите.

Во рамките на посетата на Балканот, министерот Чавушоглу ги посетува Србија, Северна Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово.

Тој ќе одржи билатерални состаноци со своите колеги, шефовите на државите и владите, како и со претседателите на парламентите, а ќе се состане и со претставниците на турските заедници во земјите од регионот.

Присуство на Преспа форумот за дијалог во Охрид

Министерот Чавушоглу ќе присуствува на второто издание на Преспа форумот за дијалог кој се одржува во Охрид од 16 до 18 јуни. Шефот на турската дипломатија ќе одржи билатерални состаноци, а ќе се состане и со претставниците на турската заедница во Северна Македонија.

AA
Популарни