Министерот за надворешни работи на Туркије Мевлут Чавушоглу, по средбата со министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина Бисера Турковиќ, изјави дека мирот и стабилноста на Балканот се од исклучителна важност за Туркије. Додаде дека тоа не е само желба туку Туркије презема конкретни чекори за обезбедување мир, стабилност и економски развој на Балканот.
По средбата со Турковиќ во Анкара, Чавушоглу говореше на заедничката прес-конференција.
„Туркије придава голема важност на стабилноста и мирот во Босна и Херцеговина и силно го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина“, порача Чавушоглу.
Тој додаде дека најголема желба на Туркије е што побрзо да дојде до формирање на власта во Босна и Херцеговина.
„Уште еднаш сакам да повторам дека сме против сите видови странски интервенции во овој процес“, нагласи Чавушоглу.
Истакна дека Туркије е меѓу земјите кои даваат најсилна поддршка на Босна и Херцеговина на патот кон Европската унија и евроатлантските интеграции.
„Минатиот месец Босна и Херцеговина доби кандидатски статус од ЕУ, честитаме на тоа. Се надеваме дека наскоро ќе започне и со преговорите. Се надеваме дека ЕУ нема да ги замајува земјите од Западен Балкан, како што нѐ замајуваат нас. Исто така, даваме силна поддршка на членството на Босна и Херцеговина во НАТО“, подвлече Чавушоглу, потсетувајќи дека неговата земја делува во составот на мисијата ЕУФОР Алтеа и дека е една од земјите кои обезбедуваат најголем број војници.
Кога станува збор за билатералните економски и трговски односи, Чавушоглу рече дека Туркије и БиХ јасно чекорат кон зацртаната цел на трговска размена од милијарда долари.
Истовремено се зголемува бројот на туристи, како босанско-херцеговските во Туркије, така и турските кои ја посетуваат БиХ. Чавушоглу рече дека се надева во најкраток рок да биде завршен и процесот околу патувањето со лични карти помеѓу Туркије и БиХ.
Една од темите беше и борбата против терористичката организација ФЕТО, која стои зад обидот за државен удар во Туркије во 2016 година.
„Со жалење сакам да кажам дека во контекстот на борбата против ФЕТО во Босна и Херцеговина не е остварен посакуваниот резултат. ПОради тоа нашето најголемо очекување од следната Влада која ќе биде воспоставена да ни пружи конкретна поддршка во борбата против ФЕТО“, порача Чавушоглу.
Тој изнесе и загриженост поради се поголемиот број расистички напади во БиХ.
„Имаше напади врз џамиите во Босна и Херцеговина, ќе направиме се Босна и Херцеговина да не се врати во деведесеттите“, рече Чавушоглу.
Нагласи дека врската на Туркије со Балканот е многу силна и дека тоа се историски врски.
„Денес, иако некои западни земји се обидуваат да ја видат Туркије како конкурент на Балканот, ние никого не гледаме како конкурент. Западен Балкан и Босна и Херцеговина имаат потреба од поддршка од сите. Стабилноста на Балканот ни е исклучително важна. Ние кога тоа го велиме тоа не е само наша желба, туку преземаме конкретни чекори за мирот, стабилноста и економскиот развој на Балканот“, рече Чавушоглу, наведувајќи го примерот на автопатот Сараево-Белград.
Шефот на турската дипломатија наведе дека Туркије е една од ретките земји кои на Балканот можат рамноправно да разговараат со сите страни, без оглед дали станува збор за Босна и Херцеговина или за другите држави.