Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) со жрепка рангираше пет политички субјекти на гласачките ливчиња за вонредните избори за градоначалник на четири општини: Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, на 18 декември, како и за предвремените избори за советите на општините Звечан и Лепосавиќ, 25 декември.
Граѓанската иницијатива Митровица со кандидатот Бетим Османи за претседател на Северна Митровица извлече број 111. Демократската партија на Косово, која се кандидираше за градоначалници во сите четири општини, ќе го има бројот 112.
Партијата на Косовските Срби со Александар Јаблановиќ како кандидат за претседател на општината Лепосавиќ ќе се натпреварува под бројот 113. Слаѓана Пантовиќ, независен кандидат за градоначалничка на Звечан го извлече бројот 114, додека Движењето Самоопределување со своите кандидати за градоначалници во сите четири општини ќе биде под бројот 115.
Претседателот на Централната изборна комисија на Крешник Радоничи пред жрепката рече дека се преземени сите чекори да се подготват овие два изборни процеси.
„И покрај предизвиците кои се претставени во овој момент, Централната изборна комисија останува посветена на извршувањето на своите должности и во тој правец е и денешниот настан. Нашата посветеност на слободните и демократските избори е трајна. Тоа може да се постигне само со заедничка посветеност“, рече Радониќи.
Кандидатот за градоначалник на Северна Митровица Бетим Османи од мултиетничката Граѓанска иницијатива Митровица наведува дека учеството во изборната трка го мотивирале проблемите кои веќе 23 години постојат на северот на Косово. Тој верува дека како градоначалник може да придонесе кон ниво решение. Османи вели дека и покрај инцидентите забележани на северот, припадниците на српската заедница сакаат да го остварат своето право на глас.
„Овие проблеми не ги прават српските граѓани. Овие проблеми ги создава Српска листа на чело со некој од своите претставници од кога е формирана, а нашите институции знаат кои се тие кои прават проблеми. Зошто нашите институции не интервенираат да ја запрат оваа тортура врз граѓаните, а особено тоа на српските граѓани не можам да им го објаснам“, вели Османи.
Слаѓана Пантовиќ, независна кандидатка за градоначалник на општина Звечан вели дека не се плаши да учествува на изборите и дека очекува да има инциденти, како што тоа беше случај вчера.
Таа наведува дека ова не е првпат, бидејќи на северот на секои избори имало инциденти. Пантовиќ истакнува дека Српска листа не се кандидирала па сите оние кои се кандидирале ги карактеризира како предавници.
„Земаат косовски плати, а зборуваат за патриотизам. Тие виделе дека направиле најверојатно грешка и поради тоа сега се случува ова. Нивното незадоволство го искажуваат на овој начин. Инаку, што се однесува до инцидентите ги има од кога е Српска листа“, вели Пантовиќ.
Во Зубин Поток и Северна Митровица вчера, со шок-бомби и истрели во воздух биле нападнати општинските изборни службеници и полицајци, кои се обидувале да ги отворат канцелариите на општинските изборни комисии, соопшти косовската полиција. Како резултат на тоа, тие не можеа да го продолжат подготвителниот процес за вонредните избори на северот.
Претседателот на ЦИК синоќа изјави дека се гледа доти пристапот на северот е ограничен и оцени дека е неправедно да се загрозуваат животите на функционерите на ЦИК и дека очекува мислење од претседателката Вјоса Османи во наредните чекори.
Вонредните избори во општините на северот на Косово распишани се откако српските претставници поради одлуката за таблици ги напуштија косовските институции. Српска листа, чии градоначалници поднесоа оставки кон почетокот на ноември, не се пријави за овие избори.