Црна Гора денес го одбележува Денот на државноста во знак на сеќавање на 13 јули 1878 година, кога на Берлинскиот конгрес е признаена како самостојна држава, како и фактот дека на ист датум 1941 година народот на Црна Гора го започна востанието против фашизмот.
По повод Денот на државноста претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, вчера приреди прием, на кој порача дека за народот на Црна Гора не постои поважен датум од 13 јули бидејќи на овој датум е заокружена вредносната вертикала на развојот на државата, заснована врз слобода, антифашизам и еднаквост.
Милатовиќ рече дека вековната борба за опстанок, на камената раскрсница на Европа, ја направиле Црна Гора симбол на истрајност, чија секоја педа на слобода е скапо платена со животите на нејзините најдобри синови и ќерки.
„Пламенот на непослушноста никогаш не згасна на овој наш карст“, додаде Милатовиќ.
Тој рече дека нема 13 јули 1941 без 13 јули 1878 година.
Според неговите зборови, двата идентични датума, разделени 63 години, всушност се симболи на слободата и пркосот, како најважни карактерни одредници на црногорскиот државотворен стремеж.
„Не постои поважен датум за нашиот народ од овој што е причина за собирање бидејќи со него е заокружена вредносната вертикала на развојот на државата, заснована врз слобода, антифашизам и еднаквост“, порача Милатовиќ.
На приемот во Синиот двор во Цетиње присуствуваа претставници на политичкиот, научниот, културниот, економскиот и спортскиот живот на Црна Гора, народни херои и поранешни највисоки државни функционери, како и претставници на дипломатскиот кор и високи функционери на меѓународните организации и институции.
По повод државниот празник Ден на државноста на Црна Гора во оваа земја неработни се 13 и 14 јули.