Црна Гора денес го одбележува Денот на државноста, во знак на сеќавање на 13 јули 1878 година, кога на Берлинскиот конгрес е признаена како самостојна држава.    Фото: АА

Црна Гора денес го одбележува Денот на државноста, во знак на сеќавање на 13 јули 1878 година, кога на Берлинскиот конгрес е признаена како самостојна држава, како и на истиот датум во 1941 година кога народот на Црна Гора го почнал востанието против фашизмот.

По повод Денот на државноста, претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ вчера организираше прием, при што порача дека Европската Унија сфатила дека е критичен момент да се продолжи и во догледно време да заврши процесот на обединување на Европа, а тоа подразбира и што поскоро членство во унијата на Црна Гора и другите земји во региониот.


Тој рече дека денес, 81 година по Тринаесетјулското востание 1941 година, во слободна, независна Црна Гора, уште не е изгасната големата идеја која го покренала тој величенствен настан.


Ѓукановиќ истакна дека тој настан имал универзално значење во време на фашизмот кој пустошел во Европа.

„Затоа светските великани од тој период го препознале како насока во која човештвото треба да оди. Тринаесетти јули 1941 година трајно го трасираше ппатот на обновата на црногорскиот државен и национален идентитет, патот на напредокот и перспективна европска иднина“, рече Ѓукановиќ.


Тој наведе дека за Црна Гора е еднакво инспиративен и 13 јули 1878 година кога на Берлинскиот конгрес првпат е потврдено меѓународното признавање на Црна Гора.

На приемот во Синиот двор во Цетиње присуствуваа претставници на политичкиот, научниот, културниот, економскиот и спортскиот живот на Црна Гора, народни херои и поранешни највисоки државни функционери. Беа присутни и претставници на дипломатскиот кор и високи функционери од меѓународните организации и институции.

AA
Популарни