Дирекцијата за статистика (МОНСТАТ) денеска ги презентираше конечните резултати од пописот на населението, домаќинствата и становите во Црна Гора, што беше спроведен на крајот на минатата година.
Во Црна Гора живеат 623.633 жители, од кои 49,2 отсто се мажи, а 50,8 отсто жени. Во Црна Гора 41,12 отсто од граѓаните се изјаснуваат како Црногорци, 32,93 отсто како Срби, 9,45 отсто како Бошњаци и 4,97 отсто како Албанци, покажуваат официјалните резултати од пописот на населението.
Помошник директорот на МОНСТАТ, Снежана Ремиковиќ на прес-конференцијата по повод претставувањето на резултатите од пописот на населението рече дека во Црна Гора како Црногорци се изјасниле 256.436, а Срби 205.370 лица.
Како што наведе таа, 58.956 лица или 9,45 отсто се изјасниле како Бошњаци, а 30.978 или 4,97 отсто како Албанци.
Ремиковиќ рече дека 12.824 лица се изјасниле како Руси или 2,06 отсто, а 10.162 лица како муслимани, додека 17.907 лица не сакале да се изјаснат.
Таа посочи дека 443.394 граѓани или 71,1 отсто од населението се изјасниле за православни, 124.668 или 19,99 отсто исламски, 20.408 или 3,27 католици, а 14.260 атеисти, што е 2,29 отсто.
Како што наведе таа, 2,1 отсто од граѓаните не сакале да се изјаснат по тоа прашање.
Ремиковиќ рече дека 269.307 луѓе или 43,18 отсто зборуваат српски, а 215.299 луѓе или 34,52 отсто зборуваат црногорски.
Босанскиот јазик е мајчин јазик за 43.470 луѓе или 6,97 отсто, а албанскиот за 32.725 луѓе или 5,25 отсто. Рускиот е мајчин јазик на 2,36 отсто од луѓето, а српскохрватскиот е мајчин јазик на 2,08 отсто.
Милена Вукотиќ, раководител на Одделот за демографија при Управата за статистика, рече дека бројот на лица чие вообичаено место на живеење е во Црна Гора е поголем од пописот од 2011 година за 0,6 отсто.
Таа нагласи дека најмногу жители има Подгорица - 179.505, потоа Никшиќ со 65.705, Бар со 45.812 и Бијело Поље со 38.662 жители.
„Во тие четири општини е концентрирано 52,9 отсто од вкупното население на Црна Гора“, рече Вукотиќ.
Како што наведе таа, најмалку жители има Савник со 1.569, Плужине 2.177, Жабљак 2.941 и Андријевица 3.910.
Вукотиќ рече дека во однос на 2011 година, девет општини имаат зголемување на бројот на жители, а Будва има најголем пораст.
Пописот во Црна Гора требаше да се одржи во 2021 година, но беше одложен поради пандемијата на коронавирус.
Тој процес се реализираше од 3 до 28 декември 2023 година, откако неговиот почеток беше неколкукратно пролонгиран поради барањата на опозицијата и на советот на помалкубројните народи претходно да се исполнат одредени услови за негово спроведување.
Граѓаните имаа право и можност да ги проверат своите податоци за етничко-културните карактеристики собрани со пописот на населението, домаќинствата и становите преку посебен софтвер од 1 до 7 октомври.