Црна Гора: Ограничени овластувањата на претседателот     Фото: AA

Парламентарното мнозинство во Собранието на Црна Гора, кое го сочинуваат Демократскиот фронт (ДФ), Демократите и Граѓанското движење „Ура“, ги усвои измените на Законот за претседател на Црна Гора со кои се ограничуваат уставните надлежности на претседателот на државата Мило Ѓукановиќ.

Ограничувањата, според измените на Законот, се однесуваат на процедурата за избор на мандатар за состав на влада, која се пренесува на парламентарното мнозинство, и на поставување и отповикување амбасадори, што, практично, од Ѓукановиќ се префрла на Владата.

Според Уставот на Црна Гора, исклучива надлежност за предложување на мандатар за состав на нова влада му припаѓа на претседателот на државата. Меѓутоа, по најновите измени на Законот за претседател, парламентарното мнозинство тој процес го префрли на Собранието, со цел ДФ, Демократите и „Ура“ повторно да се обидат да го кандидираат пратеникот и поранешен дипломат Миодраг Лекиќ за мандатар за формирање на новата влада.

Тие во септември го кандидираа Лекиќ за мандатар, но Ѓукановиќ одби бидејќи не ги доставиле потписите за поддршка на мандатарот во предвидениот рок. Покрај тоа, не направиле консултации со него, иако Уставот тоа го пропишува.

Наместо предлог на мандатар, Ѓукановиќ побара скратување на мандатот на Собранието за да се распишат предвремени парламентарни избори. Парламентарното мнозинство го одби предлогот на Ѓукановиќ преку избори да се реши политичката криза.

Од опозицијата стигнаа остри критики за ваквата одлука на парламентарното мнозинство. Истакнуваат дека на дело е уставен пуч и уставно рушење на Црна Гора. Голем број невладини организации, исто така ја критикуваа ваквата одлука, додека од парламентарното мнозинство стигна пораката дека законот е одговор на кршењето и узурпацијата на Уставот од страна на претседателот.

Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ и на неа блиските опозициски партии го обвинија парламентарното мнозинство дека спроведува уставен пуч, правно насилство и уривање на уставниот поредок на Црна Гора.

„Целосно ја разбирам политичката потреба на Демократскиот фронт да го урива системот на Црна Гора, да дејствува спротивно на Уставот, да прави сѐ што е спротивно на демократските принципи и да спроведува уставен пуч. Ова веќе не е ни Парламент, ние од денеска веќе немаме Устав, имаме анархија, а во анархија сѐ е дозволено“, изјави шефот на пратеничкиот клуб на ДПС, Даниел Живковиќ.

Кандидатот за нов мандатар, пратеникот од Демос, Миодраг Лекиќ, оцени дека законот е одговор на кршењето и узурпацијата на Уставот од страна на претседателот.

„Сакам да верувам дека законот е коректно направен за да се оствари демократијата“, рече Лекиќ.

Усвојувањето на измените на Законот за претседател на Црна Гора претставува кршење на Уставот и основните принципи на кои почива демократскиот политички систем, сметаат од Центарот за граѓанско образование (CGO).

Од таа невладина организација истакнаа дека пратениците кои гласале за тој акт знаеле дека Уставниот суд ќе го прогласи за неуставен, и дека свесно, поради партиски интереси, го загрозиле поредокот.

Од Центарот за демократска транзиција (CDT) беше соопштено дека се продолжува со поткопување на демократијата во Црна Гора.

„Делови од усвоениот акт за претседателот ја нарушуваат уставната рамнотежа на власта бидејќи ја менуваат смислата на нашиот Устав“, наведоа од Центарот за демократска транзиција.

TRT Balkan / агенции
Популарни