Обвинител од Основното државно обвинителство во Улцињ, според неофицинални сознанија, наредил да се уапсат двајцата полицајци кои наводно учествувале во инцидентот кој се случил на 15 јануари на заедничкиот граничен премин Сукобин-Муриќани, а во кој е малтретиран државјанин на Албанија, објави државната телевизија на Црна Гора.
Од Управата на црногорската полиција е соопштено дека на уапсените полицајци на товар им се става кривично дело злоставување.
„Полициските службеници, како што се сомнева, наведеното кривично дело го извршиле на 15 јануари 2023 година на заедничкиот граничен премин Сукобин/Муриќани, така што во текот на примена на службените овластувања кон странски државјани, употребиле прекумерна сила“, соопштено е од Управата на полицијата.
Тие ќе бидат предадени на надлежен држвен обвинител на понатамошно постапување. За потсетување, надлежните институции одлучувале во врска со видеозапис на кој се гледа како полициски службеник на Секторот за гранична полиција употребува физичка сила кон државјанин на Албанија.
Министерот за внатрешни работи Филип Аџиќ, говорејќи за тој случај со граничната полиција, рече дека МВР на Црна Гора ги покренало сите законски процедури.
Додаде дека доколку постојат елементи, го повикува и обвинителството да се влучи во тој случај.
Претходно од Етичкиот одбор соопштено е дека видеозаписот од тој настан се појавил во медиумите на 17 јануари и дека истиот ден претседателката на тоа тело на членовите им упатила иницијатива за оценка на етичноста во постапувањето на полициските службеници од Секторот на граничната полиција.
Советот за граѓанска контрола за работа на полицијата, по сопствена иницијатива, ќе го провери постапувањето на полициските службеници на Секторот на граничната полиција.
Од Советот за граѓанска контрола за работа на полицијата соопштија дека на снимката е очигледно непрофесионалното постапување. Од Советот истакнаа дека е побарано изјаснување на директорот на Управата на полицијата Зоран Брѓанин.
Како што наведоа, од Брѓанин е побарано да се изјави за тоа кои точно мерки и активности се преземени во однос на тој инцидент за кој Управата на полицијата дознала на 15 јануари и дали е консултиран надлежен државен обвинител.
„Како и дали полициските службеници кои се доведуваат во врска со очигледно непрофесионалното постапување, на неодредено, се отстранети од службата“, се наведува во соопштението на Советот за граѓанска контрола за работа на полицијата.
ж