Црвениот Крст на Република Северна Македонија одбележа 78 години постоење со настан на кој се достигна сума од 1 милион евра помош за настраданите од земјотресот во Туркије и во Сирија. На настанот присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, амбасадорот на Република Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, донатори и волонтери на Црвениот Крст.
Настанот започна со едноминутно молчење во чест на сите што ги загубија животите од земјотресите што го погодија јужниот дел на Туркије на 6 февруари.
Премиерот Ковачевски во својот говор упати честитки по повод јубилејот, истакнувајќи дека и тој е волонтер на Црвениот Крст.
Тој потсети дека освен граѓаните и компаниите, и Владата издвои околу 100.000 евра помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес, додавајќи дека повеќе институции биле задолжени за праќање тимови со соодветна опрема, на кои им изрази благодарност.
„Сега продолжуваме да ја покажуваме нашата солидарност на дело преку помошта што ја обезбедуваме за настраданите подрачја во Турција (Туркије) и Сирија. Добра е веста дека досега се собрани вкупно над 960 илјади евра помош за настраданите подрачја. Целта е да се стигне до бројка од 1 милион евра", рече Ковачевски.
Амбасадорот Секизќок во својот говор потсети дека Туркије, која се наоѓа во активна зона на земјотреси каде што минуваат три големи раседни линии, на 6 февруари уште еднаш ја доживеа неприкосновената моќ на природата.
Тој рече дека Туркије овој пат ја доживеа најголемата природна катастрофа.
„Вие, наши ценети пријатели, веднаш се мобилизиравте во овие тешки и тажни денови на Туркије. Обединети во едно срце, јавните институции, невладиниот сектор, бизнис-заедницата, образовните институции, млади и возрасни, сите помогнаа за настраданите од погодените региони. Не може да ги вратиме назад изгубените животи. Но со сета можна сила ќе работиме за закрепнување на раните од оваа природна катастрофа. Одново ќе ги изградиме разурнатите градови и училишта", рече амбасадорот Секизќок.
Според него, со споделувањето моќна солидарност, наедно се споделува и надежта на турскиот народ за обнова на погодените региони, додавајќи дека турскиот народ со благодарност ќе се сеќава на споделената љубов и солидарност.
Секизќок упати честитка до Црвениот Крст на Северна Македонија за иницијативата на денешниот настан и за 78-годишнината од основањето и притоа во името на турската Влада и народот им се заблагодари на сите што понудија поддршка.
Генералниот секретар на Црвениот Крст на Северна Македонија, Саит Саити, во својот говор рече дека јубилеите служат за потсетување на постигнатото и оддавање признание.
Тој им се заблагодари на сите донатори и волонтери за довербата и придонесот.
„Нашите граѓани во изминатите денови покажаа и докажаа хуманост на дело, манифестирајќи голема количина солидарност и сочувство со тагата и немоќта пред силата на природата во Република Турција (Туркије) и Сирија. Ви благодариме што ни ја дадовте можноста да ја артикулираме таа хуманост и солидарност и во ваше име да им ја пренесеме на братските народи на Турција (Туркије) и на Сирија“, рече Саити.
До моментот кога завршија официјалните обраќања за настраданите од земјотресот беа собрани 960 илјади евра од донации преку јавувања на бројот 143-400 и донации на компании. Еден анонимен донатор присутен на настанот му соопшти на генералниот секретар на Црвениот Крст на Северна Македонија, Саит Саити, дека ќе го покрие останатиот износ со цел да се дојде до посакуваната цел, донации во вредност од 1 милион евра.
Освен Црвениот Крст на Северна Македонија, и други хуманитарни организации од земјата се мобилизираа во собирањето финансиска и материјална помош.