Дачиќ: Наскоро патување на граѓаните на Србија и Туркије со лични карти / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ на прес-конференцијата во Анкара по средбата со турскиот колега Мевлут Чавушоглу најави дека во следната туристичка сезона граѓаните на Србија би требало да можат да патуваат во Туркије со лични карти и обратно.

Дачиќ објасни дека за тоа е потребно во Собранието на Србија да се ратификува потпишаното дополнувањето на договорот за укинувањето на визите, што Големото народно собрание на Република Туркије (ТБММ) веќе го направило.

„Сигурен сум дека новата туристичка сезона ќе може да се одвива во согласност со овој договор“, рече Дачиќ.

Појасни дека личните карти се модернизирани и дека е оневозможен било каков вид на злоупотреба.

Истакна дека туристите од Србија повеќе доаѓаат во Туркије во текот на летото, додека турските туристи во Србија доаѓаат во текот на целата година.

„Од Европската унија имаме притисок да се укине безвизниот режим со Туркије, значи, да појаснам од ЕУ имаме притисок повторно да се воведат визи за турските граѓани. Ние тој притисок го одбивавме, бидејќи сметаме дека тоа пред се не е во наш интерес, не само на Србија туку и на Туркије, и мислам на целиот регион и Европа и секако дека сите заедно треба да направиме максимален напор да се спречи злоупотреба на тој безвизен режим во контекст на некои илегални миграции“, нагласи Дачиќ.

Говорејќи за односите на Туркије и Србија, Дачиќ рече дека ќе се продолжи со развојот на билатералните односи. Истакна дека билатералните односи на двете земји се на историски максимум, како и дека станува збор за отворен пријателски однос на меѓусебна доверба.

Според него, политичките односи се добри, како и економските, иако смета дека треба да бидат уште подобри.

„Едно е сигурно, дека нашата економска соработка е во нагорен тренд и дека имаме цела низа инвестиции, дека се вработува голем број луѓе, дека се во прашање инфраструктурни проекти кои помагаат во развојот на одредени региони кај нас во Србија и во другите делови од нашиот регион, особено автопатот за Сараево и дека тука постои присуство и на финансиски капитал, банки и развојни агенции“, рече Дачиќ.

Тој додаде дека од сето тоа произлегува и развојот на културните односи, образовните односи, како и во областа на спортот и сето останато.

„Во време на општа омраза, војна во светот, ние треба да бараме позитивни примери на нашата соработка. Мислам дека и Србија и Туркије сакаат да бидат конструктивни фактори на мирот и стабилноста. Наш интерес не е да бидеме на било чија страна кога станува збор за некои судири и војни, ние се залагаме за почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на секоја држава членка на Обединети нации“, рече Дачиќ.

Тој потсети дека Србија не се приклучила кон санкциите против Руската Федерација, поради национални и државни интереси, како и поради економски интереси и соработка и проблемите кои Србија ги има со територијалниот интегритет и суверенитет, односно прашањето за Косово.

„Тоа не значи дека нема да направиме се да јасно кажеме не го поддржуваме нарушувањето на територијалниот интегритет на Украина и да помогнеме колку што можеме“, истакна Дачиќ.

Додаде дека ќе се реши проблемот на претседавањето во Црноморската економска иницијатива, односно дека Србија ја прифатила иницијативата на Туркије да претседава во наредните шест месеци.

Според Дачиќ, на состанокот се разговарало и за регионот на Балканот.

„Ние би сакале Туркије да биде важен фактор на мирот и регионалната стабилност во нашиот регион, а тоа значи - нашата молба е Туркије да го искористи своето влијание и кога станува збор и за Приштина за да има конструктивен однос од страна на Приштина кога се работи за примена на Приштинскиот договор, односно претходно постигнатите договори, за да воопшто би можеле да разговараме за некои трајни политички решенија“, рече Дачиќ.

За палењето на Куранот во Шведска, Дачиќ изјави:

„Не можам да верувам дека таков инцидент се случи во земја која е дел од Западот. Тоа е голема трагедија.“

Според него, покрај сите војни на подрачјето на поранешна Југославија „не слушнал дека некаде се случило некој да запалил Куран или Библија“.

„Државата мора да води сметка за тоа какви последици тоа предизвикува“, порача Дачиќ додавајќи дека таквиот чин може да предизвика само негативни последици и дестабилизација на светот.

Дачиќ во текот на посетата на Туркије ќе се состане и со претседателот на Големото народно собрание на Туркије (ТБММ) Мустафа Шентоп.

AA
Популарни