Терминот „Западен Балкан“ го надмина своето полнолетство, а околу неговата употреба во политичкиот и во јавниот дискурс неретко постојат бројни полемики, кои го третираат ова прашање од аспект на тоа дали е повеќе политички отколку географски поим.
Помина уште еден Самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел во кој за земјите од регионот немаше позитивен исход. Датум за почеток на преговори за Северна Македонија и Албанија нема. Бугарија го блокира евроинтегративниот пат на Северна Македонија, со своите барања околу преговарачката рамка, а ЕУ е немоќна да го одржи своето ветување за да земјата направи чекор напред кон интеграциите во Унијата.
Додека земјите од регионот чекаат пред вратите на ЕУ, се роди идејата наречена „Мини Шенген“ која потоа се трансформираше во „Отворен Балкан“. Иницијатива за регионална соработка во која веќе членуваат Северна Македонија, Албанија и Србија, а Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово гледаат со доза на скептицизам и недоверба во иницијативата.
Во ваква констeлација на односите помеѓу ЕУ и земјите од регионот, вреди да се потсетиме на тоа како настана терминот „Западен Балкан“.
Како настана „Западен Балкан“ ?
Од самитот на Европската унија во 2003 година во Солун, кованицата Западен Балкан ја употребуваат европските дипломати, кога говорат за земјите од Балканот кои не се дел од Европската унија (ЕУ).
Изразот Западен Балкан ги вклучува сите држави од Балканот, кои сѐ уште не се дел од ЕУ, а имаат аспирации да бидат: Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Во основата на самиот назив се мисли дека станува збор за земји кои се наоѓаат на западниот дел на Балканскиот полуостров. Но дека тоа не е сосема така, сведочи примерот на Хрватска, која географски гледано, е најзападна балканска држава, но сепак не е дел од терминот „Западен Балкан”. Од друга страна пак, Албанија, иако географски е на југот на Балканот, таа е дел од регионот кој за ЕУ значи „Западен Балкан”.
Ако има Западен, според дел од политичките коментатори во регионот, по логика на нештата би требало да има и Источен Балкан, со соодветни простори и народи, но сепак тоа не е така бидејќи во контекстот во кој се споменува, Западен Балкан ги означува споменатите земји кои целат кон западните вредности, во политичка и културолошка смисла. Поради тоа, оваа кованица чиј автор е ЕУ има повеќе политичка, отколку географска одреденост.
Од хронолошки аспект на настанувањето на терминот Западен Балкан, вреди да се напомене дека ЕУ во својата реторика, но и генерално, јасно го одвои балканскиот повоен регион од другите земји кои му припаѓаа на комунистичкиот блок.
Пактот за стабилност во Југоисточна Европа ги вклучуваше и седумте држави кои само четири години подоцна станаа дел од „Западен Балкан”, не сметајќи ги Црна Гора и Косово кои тогаш не беа независни држави.
Со станувањето членка на ЕУ во 2011 година и Хрватска престана да биде дел од овој поим. Тоа се гледа во тоа што сега, ЕУ во официјалните документи се поретко ја споменува Хрватска како дел од Западен Балкан, откако земјата стана дел од оваа мултилатерална организација.
Што велат политичарите за Западен Балкан?
Политичарите од земјите од регионот, со текот на времето, го прифатија терминот Западен Балкан кој го користат во секојдневната комуникација.
Тоа може да се забележи како во сегашните изјави, така и во минатогодишната заедничка изјава во јуни на поранешниот премиер на Северна Македонија Зоран Заев, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама. Во заедничкото соопштение по трипартитната средба тие објавија заедничко соопштение насловено „Европски Западен Балкан“.
„Нашите земји се дел од Европа и секогаш ќе бидат. На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што ѝ се тие потребни на ЕУ“, наведоа тогаш во заедничката изјава.
Ниту за политичките претставници во Босна и Херцеговина и Црна Гора, терминот Западен Балкан не е спорен и го употребуваат во своите изјави. Но, во оваа смисла, вреди да се потсети на реакцијата на поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ околу терминот„Западен Балкан”.
Таа не го криеше своето незадоволство од употребата на овој термин и на годишниот состанок на Брдо-Бријони иницијативата во 2017 година, тоа го кажа отворено без „дипломатски ракавици”.
„Не сакам овие шест држави, кои се уште не се дел од ЕУ или НАТО, да се нарекуваат Западен Балкан од повеќе причини. Тој термин го гетоизира подрачјето кое стагнира во областа на евроатлантските интеграции. Негативните конотации на Балканот влијаат и на психолошкото опкружување околу проширувањето на ЕУ. Ова е дел од Европа кој треба да се консолидира во рамките на ЕУ”, нагласи Грабар-Китаровиќ.
„Западен Балкан” и Западот
Милан Игрутиновиќ, истражувач во Институтот за европски студии во Белград и доктор по историски науки во својот научен труд на конференцијата насловена „Западен Балкан како „остаток” на Обединета Европа: Сечија или ничија земја?” се осврнува на Западен Балкан во поширок контекст.
Тој забележува три политички трендови кои во поширока смисла влијаат на процесот на проширување на ЕУ на остатокот на Балканот. Тоа се промените во надворешната политика на ЕУ, како резултат на сложените договори на државите членки и бриселската администрација, темите за внатрешни реформи во Унијата и нецелосно јасната политика на САД кон Европа и ЕУ.
„Овие трендови го накривуваат процесот на проширување, го чинат политички неизвесен, а Западниот Балкан (и Србија во него) се повеќе го дефинираат како простор на безбедносна загриженост, а не подрачје кое е посакувано и корисно да се интегрира во ЕУ. Со тоа тие ја зајакнуваат негативната перспектива на овој простор да остане периферија, чекална, стража, и поле на геополитички игри на големите сили без смислени можности за социоекономски развој на локалните општества”, смета Игрутиновиќ.
Безмалку две децении од постоењето на кованицата „Западен Балкан”, на политичките елити и на сите општествени чинители им претстои уште многу работа за да „балканското“ биде споиво со „западното“, со што овој термин ќе добие во своето значење во вистинска смисла на зборот.
Меѓу другото, до тогаш останува и дилемата дали терминот Западен Балкан ќе исчезне од вокабуларот на европските дипломати доколку евентуално земјите од Западен Балкан станат членки на ЕУ.