Претседателката Османи, по положувањето венец на спомен плочата на војниците на НАТО во центарот на Приштина, рече дека 12 јуни е најважниот ден за граѓаните на Косово / Photo: AA

По повод 12 јуни, Денот на ослободувањето на Косово, претседателката на Косово Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, оддадоа почит на спомен плочата на загинатите војници на НАТО во Косово.

Претседателката Османи, по положувањето венец на спомен плочата на војниците на НАТО во центарот на Приштина, рече дека 12 јуни е најважниот ден за граѓаните на Косово, кога, како што таа рече, се „ослободиле од Србија која водеше војна против невиниот народ.“

Таа рече дека заедно со други високи функционери од утрото им оддава почит на сите кои придонесоа слободата да стане реалност, почнувајќи од поранешниот претседател Ибрахим Ругова и поранешниот активист за човекови права Адем Демачи, па се до семејството Јашари и војниците на НАТО.

„Сега овде им оддаваме почит на војниците на НАТО, оние кои на 10 јуни влегоа во Република Косово за да го запечатат ослободувањето на нашата земја. Ние сме вечно благодарни и ја повторуваме оваа благодарност во името на сите граѓани на Република Косово“, нагласи Османи.

Премиерот Албин Курти рече дека воената интервенција на НАТО „го запре геноцидот на Србија врз народот на Косово“.

„Со положување свежо цвеќе и оддавање почит, се потсетивме на хуманоста на Ругова, на отпорот на Демачи, на пожртвуваноста на семејството Јашари и на придонесот на НАТО овде. Се поклонуваме пред сите паднати и маченици на народот и сите оние кои ги дадоа своите животи за слободата на народот и ослободувањето на Косово“, рече Курти.

Претседателот на Собранието на Косово, Коњуфца, рече дека ослободувањето на Косово е најистакнат пример за успешна соработка меѓу локалниот фактор и меѓународната заедница. „За нас тоа беше ден на доаѓање на слободата, многу драгоцен датум за народот на Косово. Но, тоа беше и голем успех на меѓународен план, бидејќи денот на ослободувањето на Косово се поклопува токму со престанувањето на геноцидот на Србија врз народот на Косово“, рече Коњуфца.

Околу 160 војници на КФОР, припадници на мировната мисија на НАТО, од земјите членки и нечленки на НАТО, загинаа во Косово. Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) на 10 јуни во 1999 година одобрија распоредување на трупите на КФОР во Косово и ги задолжи ОН, со Резолуцијата 1244, да изградат привремена локална администрација, УНМИК.

Веднаш по војната во 1999 година, во Косово имало над 50.000 војници. Тој број постепено се намалуваше со текот на годините, а моментално ги има околу 4.000 од 28 земји.

Мисијата на КФОР предводена од НАТО е да придонесе за одржување на безбедна и мирна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово. Во спроведувањето на своите активности, НАТО соработува и им помага на Обединетите нации, Европската Унија и другите меѓународни актери, доколку е потребно, да го поддржат развојот на стабилно и мирно Косово.

КФОР, исто така, го поддржува развојот на професионални, демократски и мултиетнички безбедносни структури во Косово.

TRT Balkan / агенции
Популарни