Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на одбележувањето на Денот на сеќавање на жртвите во Вуковар изјави дека во Вуковар доаѓа со една цел – достоинствено оддавање почит и сеќавање на оние што дале најмногу за Хрватска.
„Триесет и три години по големата трагедија за Вуковар, вуковарци, хрватските бранители, за цела Хрватска, повторно сме тука да го одбележиме најголемиот момент во Татковинската војна, симболот на одбраната на слободата, одбраната на Хрватска и уште еднаш да ја изразиме нашата почит кон сите оние што ги дадоа своите животи за слободата на Хрватска, особено кон оние во градот херој, но и кон сите други хрватски бранители“, рече Пленковиќ.
Тој додаде: „На нас останува, на темелите на современата хрватска држава, а тоа е Татковинската војна, да вложиме максимални напори за да им се оддолжиме соодветно на ветераните и на нивните семејства со сѐ што правиме и симболите на Татковинската војна да бидат темели на современата хрватска држава. Им благодариме!“
Тој изјави дека Владата прави многу за прашањето за исчезнатите во Татковинската војна, дека Србија може да направи и повеќе, додавајќи дека ова прашање многупати го поставувале како тема во билатералните разговори.
Претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, рече дека овој ден е „еден од оние датуми кога веројатно е најсилна идентификацијата на сите Хрвати и Хрватки со страдањето на градот Вуковар, со симболот на хрватското страдање, но и хрватската слобода“.
„Денешниот ден е Ден на сеќавање на сите жртви во Татковинската војна, на жртвите од Вуковар и Шкабрња, треба да инсистираме засекогаш да се сеќаваме на тие денови, за младите генерации да сфатат што се случуваше овде бидејќи има многумина што би сакале да ја сменат вистината за Татковинската војна. Важно е младите да разберат дека Хрватска многу тешко дојде до својата слобода, дека се изгубија многу човечки животи, дека овде имаше многу несреќи, страдање. Денес навистина мора да се потсетиме на сите тие луѓе, уште еднаш да им се заблагодариме на хрватските бранители, хероите што ги дадоа своите животи за хрватската слобода и затоа има навистина многу емоции и Вуковар ја заслужува сета љубов на хрватскиот народ“, рече Јандроковиќ.
Како што истакна тој, Вуковар ги надминува политичките и партиските борби.
„Вуковар е симбол на хрватското страдање, но и на хрватската слобода. И ова е ден кога треба да се потсетиме на жртвите и кога треба да им изразиме благодарност на сите хрватски бранители, тогашното политичко водство на чело со претседателот (Фрањо) Туѓман и докрај Вуковар да го чуваме во срцето“, додаде Јандроковиќ.