Ден за високи гости на мултинационалната вежба „Брз одговор 23“ / Photo: AA

Во рамки на мултинационалната вежба „Брз одговор 23“, во центарот за воена обука Криволак се одржа воена вежба на која припадниците на армиите учеснички презентираа комбинирани копнени активности.

Вежбата „Брз одговор 23“ е дел од серијата вежби „DEFENDER EUROPE 23“, организирана од Командата на Армијата на САД за Европа и Африка.

„Брз одговор 23“ се изведува во 8 земји во регионот: Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Косово.

Во Северна Македонија, вежбата се реализира од 22 мај до 2 јуни со учество на над 1.850 учесници од 5 земjи. Меѓу нив, 4 земји се НАТО-членки: Северна Македонија, (500 учесници), САД (1.000 учесници), Албанија (130 учесници) и Црна Гора (40 учесници). Исто така, во вежбата учествува и една партнерска земја, Косово, со 160 учесници.

Во рамки на отворениот ден, високи воени, политички и дипломатски претставници ги надгледуваа активностите на мултинационална чета во напад, поддржана со артилериска, воздушна и противоклопна поддршка.

Во вежбовните активности се употреби и роботизираното софистицирано возило т.н. „Project Origin“, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и кое за прв пат се тестираше во вежбовни услови со истрелување на противоклопна ракета од типот „Javelin“.

Ковачевски: Северна Македонија, земја фактор на стабилност

По завршување на вежбата, говори одржаа премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Истакнувајќи дека вежбата „Брз одговор 23“ е најголемата која оваа година се одржува во Северна Македонија, премиерот Ковачевски додаде дека оваа воена вежба ја демонстрира обединетоста на НАТО-алијансата.

„Со нашето членство во НАТО, Република Северна Македонија не е повеќе објект на геополитичката сцена, туку субјект кој активно учествува во носењето на одлуки од светско значење, заедно, на иста маса со светски суперсили. Ова е најдобрата потврда за исправноста на одлуките кои се носеа во државата пред 3 години и ова е најдобар демант за оние кои беа против тие одлуки, носени пред 3 години во нашата држава“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека преку негување на принципите на добрососедство и примена на политиката на дијалог наместо конфликт, Северна Македонија „прерасна во земја фактор на стабилност“, придонесувајќи кон зајакнување на регионалната соработка и градење на мир во регионот и во светот.

Ковачевски исто така рече дека буџетот на Министерството за одбрана растеше изминатите десетина години, додавајќи дека годинава достигна највисоко ниво и опфаќа 1,85 отсто од БДП.

Министерката Петровска во својот говор рече дека брзите промени во последните три години на светската сцена и војната во Украина бараат брзи и одлучни одговори, за кои земјата треба да биде подготвена заедно со сојузниците.

„Нашето единство во НАТО-алијансата е нашата сила. Во НАТО чекориме рамо до рамо, обединети, со прогресивните сили на светот и нашиот партнер, САД, подготвени да одговориме на заканите без оглед на тоа од каде доаѓаат“, рече Петровска.

Таа додаде дека со оваа вежба, покрај подигнувањето на способноста и готовноста на Армијата, се испраќа и силна порака дека „НАТО е тука и ние сме НАТО“.

TRT Balkan / агенции
Популарни