Дендијас по состанокот со шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, рече дека сите претходно потпишани договори мора да бидат применети во целост.                     Фото: АА

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, денес изјави дека Грција го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина со цел постигнување сеопфатен правно-обврзувачки договор.

Дендијас по состанокот со шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, рече дека сите претходно потпишани договори мора да бидат применети во целост.

Наведе дека патува за Приштина и дека таму ќе го повтори она што го кажа во Белград, и нагласи дека Грција продолжува да го поддржува европскиот пат на Србија.

„Веруваме дека Србија е интегрален дел од Европската Унија, на Србија местото ѝ е во ЕУ и ние ќе продолжиме да го поддржуваме тој пат. Потребно е да се искористи овој момент за целиот регион да го приближиме кон ЕУ и не смееме да дозволиме трети страни да го злоупотребуваат одложувањето на тоа приближување. Веруваме дека целиот Балкански Полуостров мора да има заедничка иднина“, рече Дендијас.

Тој истакна дека е уверен дека Србија ќе продолжи со реформите на европскиот пат, нагласувајќи дека билатералните односи се многу добри.

Наведе дека со Дачиќ разговарал за организирање на трилатерални самити Грција - Србија - Северна Македонија, и за средби меѓу Грција, Албанија и Србија.

Српскиот шеф на дипломатијата, Дачиќ, говорејќи за ситуацијата во Косово истакна дека во интерес на Србија е мирот да биде сочуван и да се води дијалог за спорните прашања.

„Интерес на Србија е да се спречат сите евентуални инциденти не само на Косово, туку и во регионот“, посочи Дачиќ.

Нагласи дека Србија сака да биде фактор на мирот и стабилноста во регионот и ѝ се заблагодари на Грција за поддршката на европските интеграции и територијалниот интегритет на Србија, и што има принципиелна позиција кога станува збор за Косово.

AA
Популарни