Кога гледаме кон иднината, ја замислуваме со сите шест партнери од Западен Балкан како дел од Европската унија,изјави Урсула фон дер Лајен на самитот на Берлинскиот процес во Берлин / Photo: Reuters

Проширувањето на Европската унија сега е главен приоритет, особено за шесте земји од Западен Балкан кои имаат за цел да се приклучат на блокот, изјави во понеделникот претседателката на Европската комисија на 10.самит на Балканскиот процес во Берлин.

„Пред десет години, ова не беше случај. Но денес, проширувањето е на врвот на нашата агенда. Кога гледаме кон иднината, ја замислуваме со сите шест партнери од Западен Балкан како дел од Европската унија“, рече Урсула фон дер Лајен.

Таа ги повика земјите од Западен Балкан да го следат примерот на проширувањето на ЕУ во 2004 година, нагласувајќи дека реформите и зајакнатата регионална соработка се од суштинско значење за приближување на овие земји до членството.

„За да го постигнеме ова, мораме да научиме од проширувањето во 2004 година. Првиот услов е усогласување со основните европски вредности, вклучително и почитување на демократијата и владеењето на правото. Вториот е рана економска интеграција“, рече таа.

Фон дер Лајен, исто така, ја поздрави одлуката да се дозволи Косово да биде претставено од неговите официјални претставници, наместо од Мисијата на ОН во Косово (УНМИК) во Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).

Дополнително, таа ја пофали косовската влада за укинувањето на забраната за увоз на српски стоки, потег што ЕУ го смета за поттикнување подобри односи меѓу двете нации.

„Им честитам на двете страни што покажаа политичка волја“, додаде таа.

Договорот ЦЕФТА, потпишан во 2006 година од страна на балканските земји и УНМИК во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, ја олеснува зоната на слободна трговија меѓу земјите од Западен Балкан. Се смета за клучна компонента на патот на регионот кон европската интеграција.

„Ова е значаен знак за нормализација на односите“, рече таа, нагласувајќи ги напорите на Европската унија за интегрирање на балканските економии на единствениот пазар на ЕУ.

Таа посочи дека Планот за раст и Берлинскиот процес се испреплетени и дека Планот за раст на некој начин ја отвори вратата за посебни сектори на единствениот пазар и дека Западен Балкан, за да го искористи тоа, мора да усвои релевантни реформи.

„Денес со задоволство можам да известам дека оваа недела ќе бидат усвоени пет од шесте реформски агенди. Тоа значи дека исплатите од вкупно 6 милијарди евра од Планот за раст може да почнат да пристигнуваат пред крајот на годината. Ова никогаш не би било можно без Берлинскиот процес“, рече фон дер Лајен.

Таа додаде дека Берлинскиот процес стана промотор на заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан.

„Од суштинско значење е овој заеднички регионален пазар да функционира непречено бидејќи им овозможува на компаниите од Западен Балкан да тргуваат, да иновираат и да отвораат добри работни места“.


TRT Balkan / агенции
Популарни