Претседателот на ентитетот на БиХ Република Српска, Милорад Додик на вчерашната прес-конференција во Белград јавно го негираше геноцидот во Сребреница, велејќи дека тоа е измислена форма во која е направен обид да се демонизира целиот српски народ.
Тој рече дека доколку се усвои резолуцијата за Сребреница, РС ќе го напушти процесот на одлучување во БиХ и не гледа смисла да остане составен дел на Босна и Херцеговина.
Во Белград вчера се одржа состанок на претставниците на Србија и РС, а претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ се сретнаа со Додик, членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ и претседателот на Народното собрание на РС Ненад Стевандиќ.
По средбата беше одржана прес-конференција. Додик рече дека дошол во Белград за да ги информира Вучиќ и неговиот тим за „ситуацијата поврзана со процесите на ниво на ОН, кои се започнати надвор од процедурата, поврзани со прашањето за Сребреница, која тие сакаат да ја квалификуваат како геноцид“.
„Прво, кажав и јавно кажувам дека геноцид не се случил, геноцидот е измислен облик во кој се обидоа да го демонизираат целиот српски народ и преку индивидуални пресуди во судовите во Хаг да го пренесат на колективна одговорност на тој еден народ, српскиот народ“, рече Додик и продолжи:
„Сметаме дека ова е директно уништување на можноста за заеднички живот во БиХ, дека овој фиктивен чин е испратен во Обединетите нации без согласност на властите на БиХ, дека лажно се претставуваат оти ја претставуваат БиХ, што секако не е така. Тие ја претставуваат само муслиманската или бошњачката страна и се директно насочени против РС и против српскиот народ во целина“, рече Додик.
Додик потоа ги поврза настаните околу резолуцијата за Сребреница со актуелната ситуација и настаните во Газа.
„Сето ова се прави и сето ова е во време кога вешто се користи она што се случува денес во Газа, каде што страдањето е многу поголемо и надминува се што е познато во последно време, но се сака да се задржи фокусот токму и исклучиво на Република Српска и српскиот народ“, тврди Додик.
Тој најави дека на 18 и 19 април ќе одржи голем народен собир во Бања Лука, а ги најави и потезите на НСРС доколку се усвои резолуцијата.
„Народното собрание ќе носи одлуки, мислам дека ако се одлучува за ова кое, како што велам, повторно се иницира без процедури, дека Република Српска ќе го напушти процесот на одлучување во БиХ и не гледаме смисла да останеме во БиХ како составен дел на БиХ и нашиот статусот ќе го бараме и регулираме на тој начин што ќе се обидеме да продолжиме самостојно. Затоа што ако некој упорно се обидува да ја препише вината на еден народ и бара да живееме со нив тоа е навистина нешто што е апсурдно, нема никаква смисла, не води до никакво помирување“, рече Додик.
„Значи, во Сребреница, 3.500 Срби и околу 4.100 Бошњаци загинаа во истата област. Страдањата на Србите беа отфрлени како такви, а беше само фаворизирана приказната за страдањето на Бошњаците “.