Турскиот министер за енергетика и природни ресурси,Фатих Донмез, се состана со министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши. Турскиот министер во средбата беше придружуван од страна на амбасадорот на Туркије, Хасак Мехмет Секизќок. Средбата беше затворена за медиуми.
Донмез по средбата даде изјава за медиумите, укажувајќи на историските и културолошките односи меѓу Северна Македонија и Туркије.
Тој потсети дека во Северна Македонија живеат турски сонародници, а дека во Туркије живеат жители со потекло од Северна Македонија.
„Всушност, тие се нашите најголеми извори за развивање на односите меѓу двете земји на најприроден начин“, нагласи тој. Донмез истакна дека ја одбележуваат 30. годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Туркије.
Според него, секоја година дополнително ги развиваат односите меѓу двете земји.
„На средбата уште еднаш истакнавме дека сме подготвени да дадеме поддршка за зголеменото енергетско барање за развој на Северна Македонија, било преку турските инвеститори, било преку нашите државни институции. Уште еднаш сакам да нагласам дека кога ќе се создадат поволни услови, подготвени сме да го задоволиме барањето и за природен гас и за електрична енергија“, рече Донмез.
Турскиот министер за енергетика и природни ресурси истакна дека вчера во Бугарија потпишале важен договор.
„Во моментот инфраструктурата за природен гас во Туркије станува достапна и за земјите од регионот. Северна Македонија важен дел од природниот гас го обезбедуваше преку Бугарија. Колку повеќе ресурси може да се стават на располагање, овде зборуваме за повеќе од еден, толку во средина каде што ќе има конкуренција, ќе даваат резултати во корист на потрошувачите. Ние во овој процес сме подготвени да даваме придонес во целите на Северна Македонија во оваа насока“, додаде тој.
Донмез рече дека турските претприемачи во Северна Македонија преземаат важни мисии и дека е даден важен придонес за нив, упатувајќи благодарност до турските претприемачи затоа што навреме ги завршиле проектите кои ги започнале.
Истакнувајќи дека наскоро со Северна Македонија ќе потпишат меморандум, Донмез рече дека во февруари ќе организираат Меѓународен самит за гас и дека го поканиле Бектеши на овој самит.
„Векот на Туркије ќе биде век на енергетиката“, нагласи Донмез, и додаде:
„За жал, Туркије досега беше зависна од странство, што се однесува до енергетиката. Тоа не е ситуација која ја сакавме. Треба да го надминеме тоа. Затоа е потребно максимално да истражуваме и да најдеме локални и обновливи ресурси и да ги ставиме на располагање на нашите граѓани. Во овие рамки, во последните години ги интензивиравме нашите работи за истражување на нашите јаглеводородни ресурси. Фала Богу, на Црното Море постигнавме важно откритие. Целта ни е во оваа година, во 100-годишнината од нашата Република, тој гас да го ставиме на располагање на нашите луѓе. Исто така, имаме проекти, големи проекти во областа на обновливата енергија, во ветрот, сонцето, во областа на геотермалата, биомасата и во хидрауликата.“
Донмез нагласи дека во голема мера ги завршиле недостатоците во инфраструктурата и го зголемиле капацитетот на магацините.
„Во рок од две години ќе го зголемиме капацитетот во езерото Туз од 1,2 милијарди кубни метри на 5,4 милијарди кубни метри. Со овие инфраструктурни инвестиции во енергетиката, Туркије дејствува не само за да ги задоволи сопствените потреби, туку и за да ги задоволи потребите на земјите во регионот. Исто така, оттука произлегува и целта да стане центар на трговија. Разговараме со земјите снабдувачи и земјите производители. Разговарам и со земјите потрошувачи. Има позитивен пристап од двете страни“, рече Донмез, нагласувајќи дека Туркије е земја со најголема потрошувачка на енергија во Југоисточна Европа.
„Исто така, разновидноста на ресурсите е многу голема. Рековме зошто во Југоисточна Европа, во Туркије да не биде еден од центрите на трговија како овој или слични кои дејствуваат во Западна Европа. Бидејќи овој регион е поблиску до ресурсите. Ова е можност, ова е предност. Оваа волја ја гледаме и во соседните земји. Лесно можеме заеднички да управуваме со овој пазар, со овој дистрибутивен центар.“
Донмез додаде дека Бектеши истакнал оти ќе го поддржат овој проект и во најкраток рок ќе добијат резултати.
Бектеши: На дело се покажува одличната соработка со Туркије
Од друга страна, министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, истакна дека уште еднаш се покажува на дело одличната соработка што ја имаат со Туркије.
Според него, откако почна енергетската криза, земја на која најпрво ѝ се обратиле била Туркије, поточно, Министерството за енергетика на Туркије.
Бектеши рече дека на средбата го истакнале ставот на македонската Влада дека се повеќе заинтересирани да привлекуваат што повеќе турски инвеститори во Северна Македонија.
„Посебно во делот на обновливите извори на енергија имајќи ја предвид и темата со која се соочуваме моментално, и во делот на зголемување на производството од обновливи извори на енергија. Воедно ние како Република Северна Македонија покажавме и интерес да учествуваме во секоја иницијатива на Република Туркије, иако тоа може да биде и заеднички регионален пазар во други механизми со кој ќе води Република Туркије.“
Тој истакна дека ќе потпишат дополнително и меморандум за соработка, и дека текстот е веќе при крај во делот на подготовката, сѐ со цел оваа соработка да продлабочува.
Како што рече Бектеши, работните групи веќе го финализираат драфтот, а на наредниот состанок во Истанбул имаат за цел да го потпишат тој меморандум.
Бектеши нагласи дека уште еднаш би сакал во свое лично име и во име на Владата на Северна Македонија да ѝ се заблагодарат на братска Туркије во делот на соработката што ја имаат и поддршката што ја даваат во различни сфери на животот во Северна Македонија, вклучувајќи ја и економијата.
„Претседателот Ердоган и господинот Донмез секогаш покажувале интерес и јас сум убеден дека оваа криза заеднички ќе ја надминеме и ќе отвориме, секако, нови перспективи за развој на економијата во нашата држава, а зошто да не и во Република Туркије во некоја иднина во која нашите компании ќе можат да инвестираат“, додаде Бектеши.
Донмез во рамки на посетата на земјата во текот на денот се состана и со претседателот на државата, Стево Пендаровски.