Помина една година откако ученикот на белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ К.К.(13), во тоа училиште застрела девет ученици, негови соученици и еден чувар.
Годишнината од масовното убиство во Белград се одбележува со целодневната програма „Будење“, која меѓу другото опфаќа низа дискусии за причините кои довеле до таквото злосторство.
Комеморацијата за жртвите од масовното убиство започна утринава на улицата „Краљ Милутин“ бр.10, кога семејствата на убиените, роднини и пријатели положија цвеќе и запалија свеќи.
Цвеќе положи и српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Пред точно една година осамна последното училишно утро за нашите девет ангели и човекот кој ги чуваше и татковски се грижеше за нив. Помина една година од невидената трагедија која остави неизбришлива лузна на душата на целата земја, но болката, неверувањето и неизмерната тага не поминаа. Зад бесмислениот чин кој во миг ги згасна животите, иднината и соништата на Ана, Софија, Мара, Андријa, Бојана, Анѓелина, Ема, Катарина, Адријана и нивниот чичко - Драган, остана празнина, но и страшно потсетување на целото општество дека мораме да ги заштитиме нашите деца од секое зло, опасност и закана“, изјави Вучиќ по повод годишнината.
Изразувајќи го своето искрено и најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите, тој додаде дека на тоа ги обврзуваат нивните соништа и сето она што би можеле да станат и дека ќе направат сѐ за да се издигнат како земја по овој ужас.
Пред Вишиот суд во Белград трае судскиот процес против родителите на момчето кое ги уби учениците и училишниот чувар.
Вишото јавно обвинителство во Белград бара 12 години затвор за таткото на момчето Владимир Кецмановиќ и 2,5 години за мајката Миљана Кецмановиќ. Тој бара три години затвор за сопственикот и инструкторот на стрелачкиот клуб каде момчето дошло и вежбало ракување со оружје.
Таткото Владимир Кецмановиќ се товари за кривично дело – тешки дела против општата безбедност, бидејќи го обучувал својот 13-годишен син да ракува со воздушно и огнено оружје, го водел на стрелиште, што не е соодветно за возраста на момчето, како и за тоа што оружјето не го чувал на безбедно место како што е предвидено со закон.
Против таткото и мајката се водат и две граѓански постапки по тужби од членови на семејствата на загинатите, и тоа за надомест на нематеријална штета поради смрт на блиско лице.
Против малолетникот К.К. не се води кривична постапка, бидејќи во моментот кога го извршил масовното убиство имал 13 години. Во Србија не е возможно кривично гонење на деца помлади од 14 години.