Европската комисија денеска го објави шестиот инвестициски пакет во рамките на Економскиот и инвестицискиот план на Европската унија за Западен Балкан, кој се очекува да мобилизира 1,2 милијарди евра инвестиции.
Пакетот ќе обезбеди поддршка за осум нови водечки инвестиции во областите на водоснабдување и канализација, третман на отпадни води и железнички транспорт, како и иновации и зелена трансформација на малите и средни претпријатија. Инвестициите ќе се реализираат во тесна соработка со партнери од Западен Балкан и меѓународни финансиски институции.
„Нашиот инвестициски план од 30 милијарди евра за Западен Балкан се реализира со овој нов пакет од 1,2 милијарди евра. Ги зајакнува регионалните врски со квалитетна инфраструктура и не зближува, што е нашата крајна цел. Нашите партнери од Западен Балкан ја градат нивната европска иднина, заедно со неопходните реформи и пристап до нашиот единствен пазар, ќе ги подготват економиите на нашите партнери да се приклучат на нашата Унија“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Инвестицискиот пакет од 1,2 милијарди евра вклучува 300 милиони евра грантови од ЕУ од Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), дополнителни билатерални придонеси од земјите-членки на ЕУ и Норвешка, заеми од меѓународни финансиски институции и придонеси од економиите на Западен Балкан. Пакетот беше усвоен од Оперативниот комитет на Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) за време на состанокот од 1 до 2 јули.
Новите водечки инвестиции вклучуваат три приоритетни области од Економскиот и инвестицискиот план, имено: животна средина и клима (реконструкција и рехабилитација на инфраструктурата за водоснабдување и канализација во Црна Гора и Босна и Херцеговина); одржлив транспорт (подобрување на железничката инфраструктура на Коридорот 10, со брза врска Белград - Велика Плана што овозможува побрз проток на патници и товар во регионот), поддршка на бизнис секторот (лансирање на нов инструмент за иновации и зелена трансформација на компаниите во регионот).
ЕУ досега одобри програми за мобилизирање до 17,5 милијарди евра инвестиции според Економскиот и инвестицискиот план, вклучително и 5,4 милијарди евра грантови од ЕУ.
„Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан напредува без пауза, со заедничка амбиција за приближување на регионот до ЕУ, што е потврдено и со новиот инвестициски пакет усвоен денеска. Инвестициската рамка за Западен Балкан навистина го промени имиџот на регионот во последните 15 години, вклучително и помагање на регионот да ги поврзе патната, железничката, енергетската и дигиталната инфраструктура, но и надминување на енергетската криза и пандемијата Ковид-19 и постигнување реални промени на теренот за корист и на граѓаните и на деловните субјекти“, рече комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји.