ЕП го одобри Договорот за Фронтекс меѓу ЕУ и Србија / Photo: Reuters

Европскиот парламент денеска со 505 гласови „за“, 90 „против“ и 43 „воздржани“ го одобри Договорот меѓу Европската Унија и Србија за оперативните активности на Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс) во земјата.

Согласно договорот, склучен лани во јуни, ЕУ и Србија ќе може да организираат заеднички операции во кои ќе бидат вклучени припадници на Фронтекс и српски граничари.

Дополнително, со Договорот се овозможува распоредување на тимови за контрола на границите на Фронтекс во Србија, како и помош од Агенцијата за земјата во управувањето со миграциските текови, спречувањето на илегалната имиграција и борбата против прекуграничниот криминал.

Согласно Договорот, припадниците на Фронтекс во Србија добиваат и извршни овластувања, како што се гранични проверки или регистрација на луѓето.

За да стапи во сила Договорот треба уште да биде и формално одобрен од Советот на ЕУ.

Овој Договор ја заминува претходната Спогодба меѓу ЕУ и Белград, кој дозволуваше само заеднички операции на Фронтекс и српските погранични сили долж границата на Србија со земјите членки на Унијата.

ЕУ вакви договори за Фронтекс има и склучено со Северна Македонија, Албанија, Молдавија и Црна Гора.

TRT Balkan / агенции
Популарни