Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера повика на глобален одговор на хуманитарната криза во Појасот Газа.
Говорејќи на церемонијата за доделување меѓународни награди за добротворни цели одржана синоќа во главниот град Анкара, турскиот претседател ја поздрави одлуката на три европски држави да ја признаат државата Палестина, повикувајќи ги и другите земји да донесат слични одлуки.
Ердоган потсети дека покојниот Алија Изетбеговиќ, државник кој својот живот го посвети на слободата на Босна и Херцеговина, не само што бил голем мислител, туку и искусен политичар кој многу добро го познавал функционирањето на глобалниот систем.
„Тој беше толкав патриот што кога беше потребно за неговата земја и народ, го соблекуваше костумот и облекуваше воена униформа. Беше толку храбар, одважен и лидер за пример во секој поглед. Тој исто така имаше посебно место во моето срце. Не само борбата на покојниот Алија, туку и неговите идеи, совети и зборови нѝ станаа пример. Покојниот Алија за геноцидот во Сребреница има кажано: „Што и да правите, не заборавајте на геноцидот, бидејќи геноцидот којшто ќе се заборави, ќе се повтори. Да, неизбежно е геноцидот којшто ќе биде заборавен, да се повтори“, истакна турскиот претседател и додаде:
„Многу сум задоволен од најавите на Норвешка, Ирска и Шпанија дека ќе ја признаат државата Палестина.“
Одлуката за признавање на државата Палестина доаѓа во момент кога Израел ја продолжува бруталната офанзива на Појасот Газа од 7 октомври 2023 година, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот во енклавата.
„Оние кои пружаат логистичка, воена поддршка на окупаторите имаат иста одговорност за крвта што тече во Газа како и самите окупатори“, рече Ердоган.
Турскиот претседател исто така рече дека сѐ додека западните сили продолжуваат да стојат зад израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и покрај „неговата ароганција и непромисленост“, масакрите во Палестина не можат да се спречат.
„Во последните 229 дена тие ја претворија Газа, која веќе беше болница на отворено поради блокадата, во огромни детски гробишта“, нагласи Ердоган.
Претседателот на Туркије предупреди дека доколку ционистичкиот експанзионизам продолжи вака, светот ќе биде склон кон нови конфликти.
„Израел ја загуби оваа војна и е осуден во очите на човештвото. Имаме обврска кон нашите палестински браќа, кои 76 години сонуваат да се вратат во своите домови и татковина“, додаде Ердоган.
Прекршувајќи ја привремената одлука на Меѓународниот суд на правдата, Израел продолжува со нападите врз Појасот Газа, во кои од 7 октомври минатата година убиени се најмалку 35.709 Палестинци. Меѓу убиените има повеќе од 15.000 деца и 9.849 жени.