Ердоган истакна дека се надева дека до крајот на годината трговската размена меѓу Туркије и Босна и Херцеговина ќе достигне милијарда долари / Photo: AA

Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека не треба да се заборави дека какви било несакани настани во Босна и Херцеговина претставуваат закана за стабилноста на целиот регион и најави продолжување на поддршката што Турција ја дава, како на интегритетот, суверенитетот и независноста, така и на безбедноста и развојот на Босна и Херцеговина. Ердоган се сретна со претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ во комплексот Долмабахче во Истанбул. Нагласувајќи дека станува збор за исклучително квалитетна средба, Ердоган рече дека со Беќировиќ детално разговарал за сите аспекти на билатералните односи меѓу Туркијеи Босна и Херцеговина. „Разменивме мислења и за регионалните настани со акцент на Балканот. Го допревме и геноцидот што тој го спроведува во Газа и чекорите што ќе бидат преземени против Израел под покровителство на Обединетите нации. Како што сите знаете, Република Туркије ја поддржуваше и застана на страна на Босна и Херцеговина од прогласувањето на независноста и секогаш ќе остане. Продолжуваме одлучно да го поддржуваме територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Босна и Херцеговина“, рече Ердоган. Потсетувајќи дека Туркије придонесува за мирот и стабилноста на БиХ и регионот преку учеството во Советот за имплементација на мирот (ССМ) и меѓународната мисија АЛТЕА, Ердоган рече дека е исклучително важно да се зачува културата на соживот и да се постигне социјално помирување со вклучувањето на сите. „Врз основа на минатите искуства, не смееме да заборавиме дека какви било несакани настани во Босна и Херцеговина претставуваат закана за стабилноста на целиот регион. Во основата на нашиот пристап кон пријателска и братска Босна и Херцеговина, заедно со нашите историски и културни врски, лежи токму ова разбирање. Во овој контекст, сакаме локалните избори, кои ќе се одржат во БиХ на 6 октомври, да поминат мирно и на најдобар начин“, рече Ердоган. На денешната средба се разговараше и за чекорите кои дополнително ќе ја интензивираат и зголемуваат соработката меѓу двете земји, а Ердоган истакна дека се надева дека до крајот на годината трговската размена меѓу Туркије и Босна и Херцеговина ќе достигне милијарда долари.

Тој додаде дека продолжуваат да работат на зголемување на тие бројки. „Разговаравме и за процесот на изградба на автопатот Сараево - Белград. И во оваа прилика кажав дека моја желба е овој проект да се реализира што поскоро. Му кажав и на мојот драг брат дека ќе продолжиме да поддржуваме развојни проекти во Босна и Херцеговина, особено во енергетскиот и инфраструктурниот сектор. Задоволни сме што во првите седум месеци турските туристи беа најбројни во БиХ и што ги претекнаа туристите од соседните земји. Наскоро ќе потпишеме договор со кој на нашите граѓани ќе им се овозможи да патуваат со лична карта и на тој начин дополнително ќе ги зајакнеме врските меѓу нашите народи“, рече Ердоган. Тој додаде дека разговарале и за воено-безбедносната соработка, со посебен осврт на развојот на односите во областа на одбранбената индустрија. Ердоган рече дека на средбата ги изразил и очекувањата на Туркије во заедничката борба против терористичката организација ФЕТО. Тој потсети дека Туркије ја поддржа подготовката и усвојувањето на Резолуцијата на Обединетите нации за геноцидот во Сребреница и го прогласи 11 септември за Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница со цел никогаш да не се повторат вакви страшни злосторства. „За жал, денес во Газа и окупираните палестински територии сме сведоци на сличен масакр што беше извршен во Босна и Херцеговина во 1990-те пред очите на целиот свет. „Сторителите на геноцидот во Газа, како оние во Сребреница во 1995 година, ќе одговараат пред меѓународните судови“, рече Ердоган. Тој додаде дека Израел сигурно ќе биде кривично гонет за убиството на повеќе од 41.000 Палестинци во Газа, вклучувајќи го и турскиот активист Ајсенур Езги Ејги, кој беше убиен од израелски војници минатата недела на окупираниот Западен Брег.

AA
Популарни