Туркије денес ги објави плановите за испорака на сеопфатен пакет помош за областите погодени од поплавите во Босна и Херцеговина, јавува Анадолу.
На платформата за социјални медиуми X, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази сочувство за загинатите во поплавите во Босна и Херцеговина, а на повредените им посака брзо закрепнување.
„Ја доставуваме нашата помош, меѓу која и потребите од итни засолништа и храна во регионот... каде што беа откриени безживотните тела на 18 луѓе и каде продолжуваат операциите за пребарување и спасување на 40 луѓе“, додаде тој.
Пакетот вклучува 96 генератори, 60 контејнери, 168 кревети, 84 кујнски комплети, 1.050 ќебиња, 1.130 пакети со храна и резерви, два тона брашно, 10 пумпи за испумпување вода, две палети вода, комплети за лична нега, климатизери, фрижидери и вода за пиење, соопшти Ердоган.
Туркије подготвена да помогне
Во посета на најтешко погодените региони, заменик-претседателот на турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), Хамза Ташделен, рече дека Туркије е подготвена да ги задоволи сите потреби за засолништа и сѐ што треба да се направи во регионот.
Осман Ќатиќ, градоначалник на градот Коњиц, изрази благодарност до Туркије, истакнувајќи дека поддршката на АФАД ќе обезбеди неопходно засолниште за раселените жители.
Неодамнешните поплави во Босна и Херцеговина зедоа 18 жртви и предизвикаа голема штета.