Ердоган изрази задоволство од растот на обемот на трговската размена помеѓу двете земји, но нагласи и дека постои простор за унапредување на односите во овој домен.     Фото: АА

Претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган на Бизнис форумот Босна и Херцеговина-Туркије во Сараево ги повика турските инвеститори преку интензивирање на инвестициите во БиХ да придонесат за развојот на оваа земја.

Ердоган на Бизнис форумот во организација на Советот за бизнис соработка Туркије-БиХ (ДЕИК) и Надворешнотрговската комора на БиХ потсети на извонредните билатерални односи на двете земји во време кога се одбележуваат 30 години од воспоставување на дипломатските односи.

Економските врски, како што рече Ердоган, покрај тоа што придонесуваат за јакнење на билатералните односи меѓу државите, истовремено придонесуваат и за јакнење на стабилноста и благосостојбата на регионот.

Заблагодарувајќи му се на ДЕИК на учеството во организацијата на форумот, Ердоган истакна дека Туркије секогаш посветувала внимание на односите со БиХ:

„Нашата политика кон Босна и Херцеговина секогаш била искрена, обединувачка и објективна. На овој простор кој обединува различности, етничките и верските поделби не можат да донесат ништо освен болка и солзи“, рече Ердоган.

Турскиот претседател рече дека „настаните во многу делови од светот покажаа дека судирите никому не донесуваат ништо добро“.

Ердоган рече дека во претстојниот период кој донесува и избори неопходно е настојувањето да нема реторика на поделби, бидејќи тоа е важно за економијата, но и за внатрешната стабилност на Босна и Херцеговина.

Претседателот на Туркије повтори дека неговата земја го поддржува територијалниот интегритет, политичката стабилност и суверенитет на БиХ.

Ердоган изрази задоволство од растот на обемот на трговската размена помеѓу двете земји, но нагласи и дека постои простор за унапредување на односите во овој домен.

Потсети дека обемот на трговската размена во првите осум месеци оваа година, во однос на истиот период минатата година, е зголемен за 15 отсто и дека достигнал 627 милиони долари.

Турскиот претседател потсети дека во текот на денешните состаноци разгледани се и начините на динамизирање на градењето на автопатот Сараево-Белград, изјавувајќи дека тоа е проект на мирот кој ги спојува државите, но и луѓето во регионот.

Претседателот на Туркије потсети и дека турските инвестиции, кога ќе се вбројат и проектите на помош на БиХ, достигнуваат милијарда долари.

Ердоган ја повтори поддршката на БиХ на сите полиња.

„Подвлекувам дека на сите полиња и понатаму и секогаш ќе бидеме до Босна и Херцеговина“, порача Ердоган.

Турскиот претседател претходно денес одржа и состанок со членовите на Претседателството на БиХ, а во рамките на регионалната турнеја ќе ги посети и Србија и Хрватска.

AA
Популарни