Претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган, во пресрет на поаѓањето во посета на земјите од Балканот, порача дека официјална Анкара следи политика која поддржува стабилност и развој на Балканот и процесот на евроатлантските интеграции.
„Одржувајќи ги нашите длабоки пријателски и историски врски со балканските земји, настојуваме да спречиме тензии“, рече Ердоган и додаде: „Туркије следи политика која поддржува стабилност и развој на Балканот и негов процес на евроатлантски интеграции“, рече турскиот претседател.
Претседателот Ердоган додаде и дека „нашата ТИКА, Институтот Јунус Емре, Фондацијата Маариф, Турк Хавајолари, ТРТ и општините поддржуваат развој на ова поднебје со проектите што ги спроведуваат.
„Гледаме дека платформата за вести на ТРТ Балкан, која започна со работа во јуни, пополни важна празнина со своите преноси на регионални јазици”, рече Ердоган.
Тој се осврна и на енергетската криза со која се соочуваат бројни европски држави.
„Европа ќе има сериозни проблеми оваа зима, а ние моментално немаме проблеми со природниот гас“, рече Ердоган.
Турскиот претседател ги коментираше и најновите напнатости на Туркије со Грција
„Одеднаш можеме да дојдеме, преку ноќ“, повтори турскиот претседател Ердоган, уште еднаш предупредувајќи ја Грција.
Претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган со посетата на Босна и Херцеговина денес ќе ја започне тридневната регионална турнеја, во рамките на која по Босна и Херцеговина, ќе ги посети Србија и Хрватска.
Како што е соопштено од Дирекцијата за комуникации на Туркије, во текот на посетата на Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска, ќе бидат разгледани низа билатерални и регионални, политички и економски теми.
Турскиот претседател во Сараево ќе се состане со членовите на Претседателството на БиХ и ќе присуствува на Бизнис форумот Туркије-БиХ.
По Сараево, турскиот претседател патува во Белград, каде ќе се состане со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Последна станица на регионалната турнеја ќе биде Хрватска. Ердоган во четврток во Загреб ќе одржи состаноци со претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ и со премиерот Андреј Пленковиќ. Претседателот на Туркије ќе отвори и исламскиот културен центар во Сисак, кој е изграден со поддршка на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА). Предвиден е и бизнис форум и во Хрватска.