Претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган по состанокот со претседателот на Србија Александар Вучиќ во Белград, истакна дека меѓусебното патување само со лични карти ќе ги подигне односите на двете земји на уште повисоко ниво.
Ердоган на денешниот состанок со Вучиќ, како и на состанокот на делегациите на двете земји, ги оцени како многу корисни и нагласи дека се разгледани чекори кои можат да бидат преземени во наредниот период.
Турскиот претседател Ердоган рече дека на денешните состаноци се разменети мислења за бројни регионални и меѓународни теми, на чело со состојбата во Босна и Херцеговина.
Ердоган, односите меѓу Туркије и Србија ги оцени како одлични истакнувајќи дека тие секојдневно се развиваат.
Претседателот на Туркије рече дека протоколот во врска со патувањата само со лични карти ќе ги подигне односите на двете земји на уште повисоко ниво.
Ердоган рече дека овој чекор ќе го зголеми бројот на меѓусебните туристички посети, но и ќе го олесни патувањето на стопанствениците.
Тој потсети дека во врска со патувањата со личните карти првиот чекор е направен и со Босна и Херцеговина.
Претседателот Ердоган рече и дека обемот на трговската размена помеѓу Туркије и Србија минатата година е зголемен за околу 33 отсто и дека патот Нови Пазар-Тутин е дело на визионерскиот пристап на српскиот претседател Вучиќ.
Потсетувајќи дека Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во Србија реализирала повеќе од 50 проекти, Ердоган најави дека наскоро ќе започне реставрација на Бајракли џамијата во Белград, која претставува заедничко историско и културно наследство.
„Во текот на разговорите повторно укажавме на важноста која ја придаваме на стабилноста и благосостојбата на Балканот. Договорот помеѓу Србија и Косово во врска со преминување на границата со личните документи, го дочекавме со задоволство. Се надеваме дека другите две прашања во најкраток период ќе бидат решени преку дијалог. Секогаш искрено поддржувавме решение на проблемот со дијалог, и така и ќе продолжиме“, рече Ердоган.
Ердоган изрази спремност во форматот за кој ќе се согласат страните, да направи се во нивна моќ да организира разговори со цел надминување на проблемите во БиХ.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со последните напнатости помеѓу Србија и Косово, Ердоган рече дека сега состојбата оди во позитивен смер и изрази уверување дека сите проблеми ќе бидат надминати преку дијалог, бидеќи „Балканот веќе не може да поднесе вакви тешки ситуации“.
Говорејќи за војната во Украина, Ердоган рече дека Туркије секогаш водела врамнотежена политика во врска со ова прашање.
„Така и ќе продолжиме. Сакам отворено да кажам дека не го сметам за исправен пристапот на Западот. Војната во Украина нема победник, но има многу губитници, луѓето секојдневно умираат. Не е веројатно дека наскоро ќе заврши. Оние кои Русија ја сфаќаат лесно грешат, сега сите размислуваат за тоа како ќе ја надминат зимата“, рече Ердоган.
Вучиќ: Златно доба на српско-турските односи
Претседателот на Србија Александар Вучиќ на заендичката прес-конференција со турскиот претседател Ердоган потенцираше дека односите на Србија и Туркије издигнати се на највисокото ниво во модерната историја на двете земји и дека „ова е златно доба на српско-турските односи“.
Вучиќ на заедничката прес-конференција со претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган во Белград рече дека посетата на турскиот претседател за Србија е голема чест и привилегија и дека двете земји односите ги подигнале на највисок ниво во модерната историја.
„Трговската размена успавме на ниво под една милијарда евра да ја подигнеме на речиси 2,5 милијарди евра. Верувам дека сме на добар пат да го исполниме она што мене ми делуваше како невозможна цел, трговската размена помеѓу Туркије и Србија да достигне пет милијарди евра. Радува тоа што турските инвестиции и понатаму доаѓаат во Србија и тоа што е важно е тоа што турските компании во Србија вработуваат околу 10.000 луѓе“, нагласи Вучиќ, додавајќи дека напредокот и досегашната соработка ќе ја почувствуваат многу граѓани на Србија.
Тој додаде дека наскоро граѓаните ќе можат да „уживаат“ во 22 километри долг пат Нови Пазар-Тутин, кој како што рече, некогаш бил „патот на смртта“, а денес е модерен пат, благодарејќи на ефикасноста на турските изведувачи и идејата патот да се направи заеднички.
„Очекуваме во краток период да ја завршиме и делницата од 19 километри автопат и со тоа да се споиме со БиХ. Важно е што проектната документација е пред крај за патот Пожега-Котроман, ќе имаме всушност блиска врска со Вишеград и се надеваме дека нашите колеги од БиХ ќе донесат одлука да тргнат со изградба на тој крак на автопатот кон Сараево во должина од 107 километри преку нивната територија“, рече Вучиќ.
Додаде дека Србија со Туркије има во план многу заеднички проекти. Истакна дека делегациите на двете земји денес разговарале за зголемување на воената соработка, а во тој контекст најави дека Србија би сакала да купи беспилотни летала Бајрактар,произведени во Туркије.
„Гледам дека тоа го сака целиот свет. Застанавме во ред. Чекаме, се надеваме дека тоа ќе можеме да го реализираме. Спремни сме да ја зголемиме побарувачката за Бајрактар и да платиме значително повеќе пари од првобитно договорените неколку десетици милиони евра. Спремни сме да ја надминеме цифрата од неколку стотици милиони евра со кои би биле спремни да ги платиме [дроновите] Бајрактар“, рече Вучиќ.
Тој му се заблагодари на претседателот Ердоган за поддршката на иницијативата „Отворен Балкан“ и за тоа, како што рече, зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот. Исто така, разговараа и за почитувањето на Дејтонскиот мировен договор во БиХ и за трилатералниот состанок помеѓу Србија, БиХ и Туркије.
Во рамките на турнејата во регионот, турскиот претседател Ердоган престојуваше вчера во Босна и Херцеговина, денес е во Србија, каде по состанокот со претседателот Вучиќ ќе присуствува на бизнис форум во Белград, а за утре е најавена и официјална посета на Хрватска.