Портпаролот на ЕУ Петер Стано изјави денеска, една година од конфликтот во Бањска во кој загинаа тројца локални Срби и еден член на косовската полиција, дека ЕУ го повторува својот повик за брзо кривично гонење на сите одговорни и посочи дека судот мора да одлучи кој е виновен, а кој не е врз основа на доказите.
На брифингот со новинарите Стано рече дека ЕУ очекува сите одговорни да бидат изведени пред лицето на правдата, дека го поздравува првиот чекор во процесот, односно обвинението и дека сега е во тек судската постапка.
„Со нетрпение очекуваме да ја видиме пресудата. Внимателно ја следиме постапката сега во судскиот процес во Косово, а потоа кога ќе ја имаме пресудата, дали некој е виновен или не, ќе реагираме соодветно“, рече Стано.
Тој посочи дека ЕУ ги почитува неопходните судски процедури и дека судот мора да одлучи кој е виновен, а кој не, врз основа на истрагата и расположливите докази.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, исто така рече дека треба да се утврдат сите факти за нападот, а одговорните извршители да се изведат пред лицето на правдата.
Во инцидентот од 24 септември 2023 година вооружени групи ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска во општина Звечан, при што беше убиен наредникот Африм Буњаку.
Во размената на оган загинаа и тројца напаѓачи од вооружената група, предводена, според обвинението на Обвинителството на Косово, од Милан Радоичиќ, тогашен потпретседател на Српска листа, политичка партија на Србите од Косово.
Речиси една година по нападот, Специјалното обвинителство на Косово покрена обвинение против 45 лица за нападот.
Тие се обвинети за „тешки злосторства против уставниот поредок и безбедноста на Косово“.
Радоичиќ беше уапсен во Белград, откако призна дека ја организирал групата, но беше ослободен наредниот ден. Вишиот суд во Белград го одбил предлогот на Вишото јавно обвинителство во Белград да му одреди притвор на Радоичиќ, кој е осомничен за сторени кривични дела- здружување заради извршување кривични дела, недозволено изработување, држење, носење и тргување со огнено оружје и експлозивни материи како и тешки кривични дела против општата безбедност.
Судот му изрече забрана на Радоичиќ да ја напушта територијата на Србија без одобрение на судот, а забраната се однесува и за влез на Косово и Метохија.