ЕУ: Косово без визен режим од јануари 2024 година / Photo: AA Archive

Во Европскиот парламент денеска позитивно беше изгласана конечната одлука за либерализација на визниот режим за граѓаните на Косово, кои најдоцна од 1 јануари 2024 година ќе можат без визи да се движат во Шенген зоната.

Владата на Косово соопшти дека по денешната позитивна одлука на европските пратеници, утре во Стразбур ќе има официјално потпишување од претставници на Европскиот парламент и Советот на Европската унија.

На потпишувањето ќе присуствува Бесник Бислими, првиот потпретседател на Владата на Косово за европски интеграции, развој и дијалог. Одлуката ќе се објави во Службен весник и ќе стапи во сила 20 дена по објавувањето. Според оваа одлука, граѓаните на Република Косово најдоцна од 1 јануари 2024 година ќе можат да се движат без визи во Шенген зоната.

Овие правила за укинување на визите за Косово ќе им овозможат на граѓаните да патуваат во Европската унија без виза за 90-дневен престој во кој било период од 180 дена.

Косово на време ги исполни сите услови за либерализација на визите, но досега не постоел консензус помеѓу земјите членки на ЕУ за унапредување на процесот.

„Благодарение на работата на Владата, особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и управувањето со миграцијата, процесот беше деблокиран и институциите на ЕУ и земјите-членки беа убедени дека Косово заслужува крај на процесот на визна либерализација и дека земјата има значаен напредок и достигнувања во соодветните области“, изјавија од Владата на Косово и порачаа дека по долго чекање, ова е клучниот момент за приближување до европското семејство.

TRT Balkan / агенции
Популарни