ЕУ со апел до српските и косовските лидери за да не се зголемат тензиите     Фото: АА

Европската Унија (ЕУ) побара од косовските и српските лидери да ги одбегнуваат изјавите што ги зголемуваат тензиите, вклучувајќи ја и можноста за конфликт на Западен Балкан.

„Провоцирачките изјави на функционерите на Косово и Србија дадени во последно време, особено во врска со војна и конфликт на Западниот Балкан, претставуваат голема загриженост“, се вели во соопштението на Канцеларијата на Жозеп Борел, високиот претставник за надворешни односи и безбедносна политика на ЕУ.

Во ова соопштение се наведува дека политичарите од двете страни ќе се сметаат за одговорни за настаните што ќе бидат причина за зголемување на насилството и тензиите во регионот.

„Двете страни веднаш треба да стават крај на меѓусебното непријателство и на опасните изјави, и да се однесуваат одговорно“, се вели во соопштението.

Како што се истакнува во соопштението, Србија и Косово може да разговараат за сите прашања во рамки на процесот на дијалогот за нормализирање на односите, што се одвива под покровителство на ЕУ.​​​​​​​

Зголемени тензии во односите Србија-Косово

На почетокот на август се зголемија тензиите во односите помеѓу Србија и Косово кои настанаа откако Србите на северот на Косово ги блокираа патиштата кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак.

Блокадите беа поставени на 31 јули, ден пред стапувањето на сила на одлуката на Владата на Косово за издавање документи за влез-излез за српските државјани кои влегуваат во Косово и за промена на српските регистарски ознаки на возилата.

По остварените контакти со меѓународните фактори, косовските власти соопштија дека донеле одлука мерките на реципроцитет на српските документи да се одложат за 1 септември, доколку се отстранат сите бариери на патиштата и доколку се овозможи слобода на движење на северот на Косово.

Во меѓувреме, ЕУ соопшти дека на 18 август, во Брисел ќе се одржи средба помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, која се одржува на покана на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.

Ова ќе биде прва средба во рамките на дијалогот за нормализација на односите по повеќе од една година на високо политичко ниво помеѓу Србија и Косово.

AA
Популарни