Одлуката на Приштина не е во согласност со обврските на Косово во дијалогот со ЕУ, велат од Брисел / Photo: AA

Амбасадите на Франција, Германија, Италија, Велика Британија и Соединетите Американски Држави, како и Канцеларијата на Европската Унија во Косово изразија загриженост поради одлуката на Владата на Косово да не му дозволи на Патријархот на Српската православна црква Порфириј и архиепископите да влезат во Косово.

Во заедничкото соопштение се наведува дека одлуката на Владата да го забрани влезот на патријархот и архиепископите, кои требаше да присуствуваат на свечениот почеток на редовното годишно собрание на Синодот на СПЦ во Патријаршијата во Пеќ е во спротивност со одредбите од планот на Ахтисари, кој јасно ги пропишува правата, привилегиите и имунитетите на свештенството на СПЦ, и не е во согласност со обврските на Косово во дијалогот со ЕУ.

„Очекуваме Владата на Косово да ги исполни највисоките стандарди за човекови права и во својата правна рамка и во своите активности, да дејствува во интерес на сите свои граѓани и да ги поддржува своите основни вредности и одговорност кон регионалната стабилност“, се истакнува во изјавата на амбасадорите на земјите од групата Квинта и на Канцеларијата на ЕУ во Косово.

И двете страни, Косово и Србија, исто така се повикани да се воздржат од какви било активности и реторика кои би можеле да ги зголемат тензиите и да доведат до инциденти.

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово вчера го одби барањето на патријархот на Српската православна црква, Порфириј, да ја посети Пеќката патријаршија.

Министерството соопшти дека посетите од Србија нема да бидат дозволени се додека Србија продолжува да го прекршува Бриселскиот договор, не дозволува посети на косовските претставници на Србија и не ги прекине кампањите против Косово како во процесот на интеграција така и во процесот на признавање.

Од друга страна, СПЦ на својата веб-страница објави дека ваквата одлука е неразумна и неприфатлива, но истовремено ја одразува позицијата на Српската црква и на српскиот народ на Косово.

Понатаму се наведува дека патријархот апелира до сите кои имаат влијание врз ситуацијата во Косово да направат се што можат за „да се запре флагрантното кршење на човековите права на српскиот народ, вклучително и правото на слобода на движење на српскиот патријарх, епископи и свештенство“.

AA
Популарни