Отворањето на поглавје во пристапните преговори на Србија со Брисел се чека од декември 2021 година, до кога беа отворени 22 поглавја во преговорите од вкупно 35 / Photo: AA

Комесарката за проширување на Европската унија (ЕУ) Марта Кос изрази поддршка за Србија во отворањето нови кластери.

„Денеска имавме многу искрен и конкретен разговор со Тања Мишчевиќ, министерката за евроинтеграции на Србија, за пристапот на Србија во ЕУ. Проширувањето е цел општествен процес, кој ги вклучува опозицијата, граѓанското општество, економијата и многу повеќе“, изјави Кос на социјалната мрежа Х.

Таа е уверена дека Србија ќе ги исполни сите услови за отворање на Кластерот 3, кој се однесува на конкурентност и инклузивен раст.

Еврокомесарката во декември минатата година изјави дека ќе поднесе извештај до Европскиот совет во јануари 2025 година за понатамошниот напредок постигнат од Србија со цел да се овозможи што поскоро отворање на Кластерот 3.

Пристапните преговори на Србија со ЕУ се групирани во шест кластери кои опфаќаат повеќе поглавја од преговорите.

За да се отвори кластер, потребна е едногласна одлука на сите земји-членки на ЕУ.

Европскиот совет во декември минатата година објави дека отворањето на Кластерот 3 со Србија ќе биде разгледано откако земјата постигна значителен напредок во областа на владеењето на правото, односно во поглавјата 23 и 24, како и во процесот на нормализирање на односите со Косово.

Отворањето на поглавје во пристапните преговори на Србија со Брисел се чека од декември 2021 година.

Досега се отворени 22 поглавја во преговорите од вкупно 35, а само две поглавја се привремено затворени.

TRT Balkan / агенции
Популарни