Фајон: Се надевам дека истомислениците ќе ја следат Словенија / Photo: AA

Владата на Словенија денеска го направи првиот важен чекор кон признавањето на независната и суверена држава Палестина, изјави министерка за надворешни и европски прашања на Словенија, Тања Фајон, по седницата на Владата во Љубљана.

Таа изрази надеж дека процедурите ќе бидат завршени колку што е можно поскоро бидејќи Словенија сака да обезбеди крај на злосторствата во Газа, траен прекин на огнот, договор за ослободување на заложниците, безбедност на Израел и мирен соживот на Израелците и Палестинците.

Според Фајон, тие ќе го следат напредокот во регионот бидејќи целта не е само признавање како симболичен чин, туку цел е да се постигне смирување на ситуацијата или крај на војната.

Таа објасни дека Владата ја донела одлуката за започнување на постапката врз основа на границите меѓу Израел и Палестина од 1967 година, што значи дека Палестина ќе ги вклучи Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим.

Исто така, таа истакна дека признавањето дефинитивно не е признавање на Хамас.

„Напротив, станува збор за зајакнување на обновената палестинска управа што, исто така, ќе може да ја контролира Газа од Рамала“, рече Фајон.

Шефицата на дипломатијата по напуштањето на владината седница изрази надеж дека истомислениците ќе ја следат Словенија и сами ќе ги познаат процедурите за признавање на Палестина.

Премиерите на Словенија, Шпанија, Ирска и Малта усвоија заедничка изјава на крајот на март на маргините на самитот на ЕУ, во која изразија подготвеност да ја признаат Палестина кога тоа може да се направи ефикасно и околностите да бидат погодни за тоа.

Одлуката за признавање на Палестина Владата на Словенија ќе ја прати до Парламентот во рок од еден месец, односно до 13 јуни.

TRT Balkan / агенции
Популарни