Словенија ќе го пренесе своето искуство за ЕУ интеграциите и ќе даде поддршка за Северна Македонија во процесот, рече заменик-претседателката на Владата и министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон која престојува во официјална посета на Северна Македонија. Фајон во Скопје имаше билатерална средба со шефот на дипломатијата, Бујар Османи по што следеше и состанок на двете делегации.
На заедничката прес-конференција, Османи истакна дека Словенија е една од првите земји кои ја признаа независноста на Северна Македонија, што според него, говори за блискоста меѓу двете земји.
Тој рече дека тема на разговор беа и евроинтеграциите на Северна Македонија, при што истакна дека ќе биде особено важно словенечкото искуство и поддршката во процесот на преговори за членство во Европската Унија (ЕУ).
„Разговаравме за овој аспект, како словенечкото искуство ќе ни помогне на нас во преговорите сега, да се одвиваат побрзо за да ги фатиме тие цели кои што ги имаме, до 2030-та да станеме членка на Европската Унија. Меѓутоа, се разбира, побарав и поддршка, целиот процес на преговори да се концентрира на прашања коишто се однесуваат на реформи поврзани со Европската Унија“, рече Османи.
Тој рече дека се разговарало и за партнерството во НАТО, претседавањето со ОБСЕ, како и за економските односи, при што истакна дека трговската размена бележи позитивен тренд.
Вицепремиерката и министер за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, во нејзиното обраќање рече дека во Северна Македонија се чувствува како дома.
Таа истакна дека односите меѓу двете земји традиционално се многу добри и пријателски, додавајќи дека Северна Македонија секогаш може да очекува поддршка од Словенија.
Фајон упати честитки за „историскиот успех“ со отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ, додавајќи дека е свесна дека ова беше тежок и болен пат за Северна Македонија.
„Словенија ќе направи сè да не се загрозат билатералните односи во пристапувањето и државата непречено да продолжи по овој пат, и македонскиот јазик, она што е честопати прашање, да не биде загрозен“, рече Фајон.
Зборувајќи за енергетската криза и растот на цените, таа истакна дека дел од европскиот процес е и солидарноста, додавајќи дека Европската комисија ќе помогне во оваа насока и дел од таа помош ќе биде наменета и за државите од Западен Балкан.
Таа исто така рече дека двете земји ја осудуваат руската воена агресија врз Украина, и притоа ја поздрави одлуката на Северна Македонија за воведувањето санкции врз Русија и давањето помош за Украина.