Фајон: За Црна Гора постои опасност од стопирање на пристапните преговори

Министерката за надворешни работи на Словенија во Брисел истакна дека за Црна Гора постои сериозна опасност од стопирање на пристапните преговори, што никој во Европската унија (ЕУ) не посакува.

Во пресрет на денешната седница на Советот за надворешни работи во Брисел, на кој на министрите на ЕУ ќе им се претстави извештајот за Црна Гора, Тања Фајон укажа на спомнатата опасност.

„Чекаме да видиме дали Црна Гора ќе успее да ги именува судиите кои недостасуваат, Уставниот суд не е функционален, доколку не успее до почетокот на февруари, постои голема опасност Црна Гора сериозно да скршне од својот европски пат, на што и предупредуваме поради длабоката политичка криза“, рече Фајон.

Според неа, без Уставниот суд тешко е да се замислат праведни и примерни претседателски и парламентарни избори и затоа овој обид е клучен за напредокот на Црна Гора.

„Постои сериозна опасност да ги запреме пристапните преговори, што никој во ЕУ не го сака. Затоа ЕУ и помага на Црна Гора во преземањето на тие чекори. Не сакам да зборувам за тоа во моментов, бидејќи чекаме да завршат постапките за сослушување на кандидатите за судии на Уставниот суд. Сега не зборуваме за тоа сценарио, бидејќи се очекува Црна Гора да направи исчекор поради тоа што претседателските избори се најавени за март“, изјави Фајон.

Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, денеска се сретна и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак.

Во таа пригода Фајон и Лајчак разменија мислења за состојбата на Балканот, посебно по неодамнешната посета на Фајон на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

TRT Balkan / агенции
Популарни