Пратениците на Демократската партија на Косово (ПДК) се соочија со премиерот на Косово, Албин Курти, и пратениците на владејачкото движење Самоопределување (ВВ), среде жестока дебата во законодавниот дом.
Првично, пратениците на најголемата опозициска партија, ПДК, но и оние на Демократската лига на Косово (ЛДК), ја критикуваа Владата за соработка со Српска листа, по објавувањето на прислушувањето што се појави неделава меѓу претседателката на пратеничката група на Движењето Самоопределување, Мимоза Кусари, со поранешниот пратеник на Српска листа, Славко Симиќ.
По зборовите на пратениците, претседателот на косовскиот Парламент, Глаук Коњуфца, му даде право на збор на премиерот Курти, кој излезе на говорницата на која беше поставена плоча со поздравот „Здраво“, која беше искористена на ист начин и во разговорот на Кусари со Симиќ.
Додека говореше премиерот Курти, пратеничката на ПДК, Ганимете Муслиу, исто така, на оваа говорница постави слика од Курти со долг нос, додека со брза реакција оваа слика ја отстрани вицепремиерот Бесник Бислими.
Потоа на говорницата излезе пратеникот на ПДК, Мергим Луштаку, кој ги испрска со вода премиерот Курти и вицепремиерот Бислими, но како одговор беше удрен со стаклено шише во лицето од вицепремиерот Бислими.
Пратениците од двете страни, на ВВ и ПДК, веднаш реагираа и дојдоа околу говорницата и имаа физичка пресметка што траеше неполна минута.
Коњуфца побара полицијата да дојде во салата на пленарната седница, а седницата е прекината за 30 минути.