Ја покажавте својата посветеност на европскиот пат, рече претседателката на ЕК / Photo: AA

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по средбите со претставниците на властите во Босна и Херцеговина изјави дека јасно го гледа напредокот на земјата, но дека се потребни дополнителни резултати и спроведување на реформите.

Фон дер Лајен, по средбата со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто како и со холандскиот и хрватскиот премиер Марк Руте и Андреј Пленковиќ ја пофали Босна и Херцеговина за нејзината 100% усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

„Ја покажавте својата посветеност на европскиот пат. Ова е една од причините зошто сте земја кандидат од 2022 година. Ова беше голем поттик за понатамошен напредок, а минатиот декември ЕУ донесе историска одлука да ги отвори пристапните преговори кога вашата земја доволно ќе ги исполни критериумите за членство“, рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека Босна и Херцеговина постигнала одреден напредок и усвоила важни закони.

„Покажавте дека можете да постигнете резултати ако вашата земја е обединета да оди напред. Колку повеќе резултати постигнувате, толку повеќе ми помагате да создадам извештај кој ќе го одразува тој напредок“, рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека е согласна со колегите Руте и Пленковиќ да ја видат Босна и Херцеговина во Европската унија.

„Ние ја гледаме БиХ во Европската унија како единствена, неделива и суверена држава, а тоа е нашата заедничка цел, да работиме на тоа. Во ваши раце е да го прифатите овој пат што го избравте и да не дозволите нешто да ве одврати од овој даден курс “, рече таа.

На денешната средба се разговараше за Планот за раст за Западен Балкан, кој беше усвоен од Европската комисија во ноември 2023 година, со цел да се донесат некои од придобивките од членството во регионот пред пристапувањето, да се зајакне економскиот раст преку забрзување на многу потребното социоекономско зближување.

Целта е да им се овозможи на земјите-партнери да ги интензивираат реформите и инвестициите со цел значително да се забрза процесот на експанзија и раст на нивните економии. За таа цел е предложен нов Инструмент за реформи и раст за Западен Балкан вреден шест милијарди евра за периодот од 2024-2027 година. Плаќањата ќе се вршат само кога ќе се спроведат договорените реформи.

„Планот за раст е еден вид понуда на ЕУ за посилна интеграција на БиХ веќе во раните фази, веќе во овој момент на заедничкиот европски пазар. Овде ја отвораме вратата за деловните субјекти кои доаѓаат од БиХ да работат на заедничкиот европски пазар Овие активности треба да бидат придружени со реформи, без оглед на процесот на пристапување, но економски реформи кои ќе обезбедат еднакви услови за бизнис. Ако се спроведат овие реформи, можат да обезбедат дополнителни милијарда евра од ЕУ, овие пари ќе придонесат за просперитет на ЕУ. Доколку земјите од Западен Балкан го развијат својот регионален пазар, очекуваниот раст на БДП е 10 проценти“, рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека Европската Унија е нецелосна без Западен Балкан.

„За време на средбите го споменав големото мото што го имаме во ЕУ, а тоа е „обединети во различностите“. Вие навистина имате различност, но обединети сте во една цел, а тоа е ЕУ. Од друга страна, времето треба се користи за донесување закони кои се многу прагматични. Слушнавте од моите пријатели дека ова е клучен момент што не треба да се пропушти. Ова е одлична можност за БиХ, но и за ЕУ. Убедени сме дека ЕУ е нецелосна без Западен Балкан“, рече таа.

За тоа дали Босна и Херцеговина до март треба да ги усвои сите 14 приоритети или дел од нив, таа рече дека е потребно да се постигнат што повеќе.

„Тоа е клучната порака. Комисијата е достапна да ве поддржи. Ова може да се направи. Ве повикувам да ја искористите нашата поддршка за да се обидете да го остварите тоа“, рече Фон дер Лејен. Посетата на европските претставници уследи по одлуката на Европскиот совет во декември 2023 година да ги отвори пристапните преговори на Босна и Херцеговина со Европската Унија кога ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство. Европскиот совет, исто така, ја покани Комисијата да поднесе извештај до Советот за напредокот најдоцна до март 2024 година со цел да донесе одлука.

AA
Популарни