Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице / Photo: МВР на РСМ

Скопјанецот Е.К.(39) е осомничен за убиството на бизнисменот В.Е.(58) на паркингот кај ТЦ„ Мавровка“ и за пукањето кон полицајци кои трагале по него, соопшти МВР.

Од Основното јавно обвинителство Скопје потврдија дека против Е.К. Е покрената истражна постапка, откако МВР против него поднело кривична пријава за убиство, убиство во обид и недозволено држење на оружје.

„На 20 август, со пиштол марка „ГЛОК“ со калибар 9 мм, што го поседувал без дозвола, осомничениот на паркинг на улицата „Филип Втори Македонски“ со умисла и од користољубие лишил од живот едно лице, по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил „Ауди“ без ргистарски ознаки. На местото пристигнало и второ возило „Цитроен“ со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и исто така се оддалечило“, информираа од ОЈО.

Според обвинителството, вториот осомничен „цитроенот“ го оставил во Гази Баба и се качил во „аудито“, по што со Е.К. продолжиле да се движат, но на улицата Стојна Стефкова биле пресретнати од полициски службеници.

„Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачка врата и пукал, обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат. Четворицата полициски службеници во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот. Другото лице се дало во бегство и по него се трага“, објаснија од ОЈО.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

Од полицијата, пак, информираат дека форензичкото вештачење на чаури и оружјето покажало дека пиштолот со кое е извршено убиството и е пукано во полицијата е исто.

„За второто лице кое беше лишено од слобода вчера до овој момент не е утврдена поврзаност со настанот и е ослободен, а се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање и на уште едно инволвирано лице за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело “Убиство“, рекоа од МВР.

TRT Balkan / агенции
Популарни