Ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието, изјави собранискиот спикер Гаши, по однос на поднесената интерпелација за неговата работа, за која рече дека демократијата е можност да се ислушаат спротивставените мислења.
За работењето на Гаши се води расправа откако пратеничката група на партијата Левица во Собранието на Северна Македонија поднесе интерпелација против спикерот во седум точки за кои смета дека ја злоупотребил позицијата.
Најпрвин дека ја повредил секуларноста на државата кога на собраниска седница за одбележување на геноцидот во Сребреница заедно со други присутни изведе групна верска молитва.
Како причини за барање одговорност од Левица го наведуваат инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром, дека направил повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што заклетвата што ја даде како веќе избран претседател прво ја даде на албански, а не на македонски јазик, дека го злоупотребил Законот за државни симболи затоа што во салата во која се одржуваат пленарните седници на Собранието се поставени и симболи на НАТО и на Европската Унија.
Гаши во своето излагање истакна дека секој носител на државна функција мора да одговара за своите постапки и им се заблагодари на пратениците што ја поднеле оваа интерпелација, додавајќи дека само на ваков начин ќе се расчистат сите сомнежи и грижи на јавноста.
За обвинувањата за кршење на секуларизмот, Гаши рече дека всушност станува збор за исламофобија и неосновани обвинувања.
Тој појасни дека во интерпелацијата е истакнат настан организиран од невладина организација во една сала на Собранието, каде присуствувал и спикерот Гаши, по повод 11 Јули, Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Гаши рече дека на овој настан имало едноминутно молчење за да им се оддаде почит на жртвите од Сребреница и дека тоа не претставува кршење на секуларизмот.
„На крајот од овој говор можам да потврдам дека не се работи за интерпелација над Африм Гаши, туку за интерпелација врз функционер од различен профил.
Ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието. Ова не е интерпелација кон пречекорување на овластувањата на претседателот на Собранието во однос на безбедноста, туку против добрососедските односи и заложби за повлекување на признавањето на Косово, ова не е интерпелација за наводната повреда на Законот за јазиците, туку поради фобијата против албанскиот јазик и етничката припадност на претседателот. Ова не е интерпелација кон знамето на ЕУ и НАТО, туку интерпелација кон нашата стратешка целм, изјави Гаши.
По неговото излагање, Гаши ја напушти салата за да не влијае на расправата и гласањето за интерпелацијата.
Според деловникот на Собранието, расправата за интерпелација може да трае еден ден и гласањето мора да се изврши во тој ден, односно до полноќ.