Двете страни изразија убедување дека плодната соработка на највисоко парламентарно и државно ниво ќе продолжи / Photo: AA

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со турскиот амбасадор во Скопје, Фатих Улусој.

Како што е наведено во соопштението пратено од Собранието, соговорниците на средбата биле согласни дека двете земји негуваат одлични пријателски односи и соработка.

„Претседателот Гаши се заблагодари за целокупната поддршка што Република Туркије ѝ ја дава на нашата земја уште од независноста наваму. За нивото на меѓусебна соработка сведочи и интензитетот на средби на највисоко ниво. Земјите ги поврзуваат историски и културни врски, а граѓаните од турската заедница во земјава се мост меѓу двете земји“, се вели во соопштението.

Спикерот на македонското Собрание, исто така, потсети дека редовно се одбележува 21 декември, Ден на наставата на турски јазик, на кој традиционално гостува претседателот на Големото народно собрание на Туркије.

„Во двата парламента се формираат и успешно функционираат пратенички групи за пријателство и соработка, а постои и плодна соработка во рамките на меѓународните парламентарни собранија. Во однос на економијата, културата и образованието, меѓусебните односи се на највисоко ниво. Република Туркије е меѓу нашите најзначајни трговски партнери и земја што континуирано инвестира во македонската економија во разни сектори и се јавува како стратегиски инвестициски партнер“, се наведува во соопштението.

Исто така, Гаши потсети дека Туркије беше принципиелен поддржувач на членството на Северна Македонија во НАТО.

На крајот на состанокот двете страни изразија убедување дека плодната соработка на највисоко парламентарно и државно ниво ќе продолжи и со актуелниот парламентарен состав, со меѓусебни посети.

AA
Популарни