ЕУ јасно кажа во декември кога донесе историска одлука за отворање на преговорите со Украина и Молдавија, но исто така ја истакна и својата посветеност на Западен Балкан / Photo: Министерство за одбрана на РСМ

ЕУ јасно ја истакна својата посветеност на евроинтеграцијата на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан. Пристапувањето во ЕУ зависи од спроведувањето на реформите, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир на новинарско прашање по потпишувањето на Меморандумот за разбирање за поддршката од девет милиони евра од Европскиот мировен фонд за потребите на Армијата на земјава.

Гир повтори дека е потребно да се исполни договореното, одговарајќи на прашањето дали проширувањето со Западен Балкан и Северна Македонија е се подалеку од ЕУ во услови кога уставните измени се чинат како невозможна мисија, а во ЕУ во пресрет на изборите за Европскиот парламент европската десница се повеќе зема замав.

„Нема да шпекулирам за резултат на изборите, но ќе кажам дека ЕУ јасно кажа минатиот декември кога донесе историска одлука за отворање на преговорите со Украина и Молдавија, но исто така ја истакна и својата посветеност на Западен Балкан. Доколку ги правите реформите, доколку го следите патот кој што го имаме заедно договорено ќе се приклучите во ЕУ. Тоа ќе биде еден предизвик од страна на ЕУ ние да ги исполниме обврските кои што ги дадовме и доколку се разбира се исполнети обврските од ваша страна“, подвелече амбасадорот Гир.

Во однос на случувањата во М-НАВ Гир рече дека именувањата во јавните институции треба да се прават врз основа на заслуги, а кога станува збор за воздухопловната навигација, постојат обврски што земјава ги има кон Европската Унија.

„Сметам дека бевме навистина јасни, најнапред во поглед на назначувањата во јавните институции. Важно е назначувањата да се прават врз основа на заслуга, тоа значи квалификација, вештини, искуства, неприпадност на партија или некои лични врски. Второ, јасно е дека постојат обврски кога станува збор за воздушната навигација и обврските кон Европската Унија во поглед на имплементирањето на ваквите обврски“, рече Гир.

Прашан за коментар на одлуката на скопскиот Кривичен суд да не им одреди притвор на четворица од осомничените за упадот во Навигација, Гир со одговор:

„Обично како амбасадор немам обичај да коментирам одлуки на суд, меѓутоа сметам дека јасно кажавме кои се обврските, односно гаранцијата за заштита на овој систем и не само на овој систем, туку и на сите системи од критичната инфраструктура“, рече Гир.

TRT Balkan / агенции
Популарни