Грција започна истрага за шпионажа на лични податоци на корисници на апликацијата за комуницирање Ватцап (WhatsApp) преку употреба на израелски шпионски софтвер.
Управата за заштита на податоците на Грција објави дека истражува случај во врска со прекршување на личните податоци на корисниците на Ватцап, вклучително и претплатници во Грција, од злонамерниот софтвер на израелската компанија Параган Солушнс (Paragan Solutions), пишува весникот Катимерини.
Органот, исто така, откри дека започнала истрага за законитоста на кинеската ДипСик (DeepSeek) апликација според прописите за заштита на податоците.
Претходно оваа недела, Хомо Дигиталис, грчка невладина организација која се занимава со правата на корисниците на интернет, побара од регулаторните власти привремено да ја прекинат дистрибуцијата и употребата на апликацијата додека не обезбеди задоволителни одговори за судбината на приватните податоци на корисниците.
Оваа недела, Австралија, Јужна Кореја и Холандија им забранија на државните службеници да користат ДипСик поради прекршувањата за пристапот до личните информации со сомнеж дека ги споделува со кинеските државни власти.