Пратениците во хрватскиот Парламент го поддржаа законскиот предлог со кој се зајакнува борбата против терористичките содржини на интернет.
Според предлог законот, станува збор за тоа дека давателите на услуги во интернет-сообраќајот мораат да пронајдат начин како да го запрат говорот на омраза и насилство за да навреме би можело да се спречи потенцијално терористичко дело.
Хрватска како и останатите земји членки на Европската Унија во своето законодавство внесува уредба за спречување на терористички содржини на интернет. Министерството за внатрешни работи надлежно е за издавање налог за отстранување на терористичките содржини, но пред тоа мора да побара мислење од Советот за електронски медиуми.
„Со прифаќање на овој закон во хрватската законодавна рамка ќе имплементираме уредба за борба против ширење на терористички содржини на интернет и ќе обезбедиме квалитетни механизми на отстранување на ризични објави“, рече државниот секретар во хрватското Министерство за правосудство, Јуро Мартиновиќ.
Кога МВР ќе процени дека се работи за терористичка содржина издава налог за отстранување. Интернет платформите потоа имаат рок од еден час да ја отстранат, а ако не го направат тоа се наплатува казна во износ од 4 отсто од нивниот промет. Опозицијата предупреди на опасност од злоупотреба.
Давор Дретар, пратеник од редовите на опозицијата во хрватскиот Парламент изјави дека е тешко да се утврди што е точно терористичка содржина, како и дека тоа е тешка тема која обединува многу прашања, меѓу кои и научни, теоретски и етички прашања.
Со цел да се спречи злоупотреба на интернетот од страна на терористите ЕУ во април 2021 година донесе уредба за против ширење на терористички содржини на интернетот. Според Советот на ЕУ, терористички содржини се текстови, слики видео и аудиопзаписи со кои се поттикнува на терориситчко делување, се дава упатство за извршување на казниво дело и повикува на пристапување во терористички групи.
Во законот е наведено дека отстранетата терористичка содржина не смее да се брише, туку само да се отстрани од јавноста, додека на надлежните органи мора да им биде достапна. Новите правила ширум ЕУ се применуваат од 7 јуни 2022 година.