За краток временски период повеќе полициски управи добија информации за анонимни дојави дека во зградите/објектите на сите судски тела низ Хрватска наводно се поставени експлозивни направи.
Анонимните дојави се однесуваат на наводно поставени експлозивни направи во голем број објекти/згради на правосудните органи на подрачја на 18 од 20 полициски управи со седиште во Загреб, Сплит, Ријека, Осијек, Славонски Брод, Вуковар, Бјеловар, Сисак, Вараждин, Задар, Дубровник, Шибеник Карловац, Госпиќ, Пула, Вировитица, Чаковец и Копривница, соопшти хрватското Министерство за внатрешни работи.
На сите локации се испратени полициските службеници од одделот за експлозиви, кои ја проверуваат веродостојноста на дојавите и ги преземаат сите неопходни мерки и активности во рамките на своите надлежности со цел заштита на безбедноста на граѓаните.
„Ги потсетуваме сите граѓани на однесување во смисла на самозаштита и ги повикуваме во случај на воочување на сомнителни предмети или лица да ја известат полицијата“, апелира хрватското МВР.
Со анонимните дојави опфатени се правосудните институции во цела Хрватска, според Министерството за внатрешни работи.
Засега потврдено е дека претежно станува збор за лажни дојави, но дел од просториите што ги користат судските тела сè уште се под полициска проверка.
Арена центарот во Загреб на својата страница соопшти дека поради вонредни околности, денес е во постапка на евакуација на центарот и дека продавниците во рамките на Арена центарот не работат, а медиумите пренесуваат дека дојави стигнале и во други трговски центри.