Тела на две бебиња се пронајдени во дворот на семејна куќа во вторникот во местото Љубељ Калнички во близина на хрватскиот град Вараждин.
Градоначалникот на Општина Љубешчица, Ненад Хорватиќ, за Хина потврди дека се пронајдени телата на две бебиња, како и дека нивните родители се уапсени.
„Полициски службеници во Вараждин добија пријава за сомнение за сторено кривично дело повреда на правата на дете на подрачјето на општината. Полицијата води кривична истрага против две лица во соработка со Окружното јавно обвинителство“, соопштија од полициската управа Вараждин.
Хорватиќ изјави дека информацијата за овој страшен настан била добиена околу пладне во вторник.
„Отпрвин сите не верувавме дека вакво нешто е можно во нашата заедница“, рече Хорватиќ.
Тој рече дека се точни информациите што ги имала полицијата и дека вчера попладне во дворот од семејната куќа биле пронајдени две мртви тела кои по ексхумација биле пренесени на понатамошна обработка.
„Според некои информации, станува збор за деца кои се родени во куќата во 2022 и 2023 година, па најверојатно се новороденчиња. Бебињата се пронајдени, но текот на истрагата ќе покаже колку години имале, како се случило, од што починале и што доведе до сето ова“, изјави Хорватиќ.
Тој потсети дека семејството се доселило во местото, а таткото на децата е од Сплит, а мајката од Загреб.
„Тие купија куќа овде, каде повремено престојуваа па два дена во Загреб, два дена во Сплит. Не ги регистриравме овде, ниту како корисници на комунални услуги, ниту како наши жители“, објасни Хорватиќ.
Тој нагласи дека се работи за луѓе на возраст од околу четириесет години.
На прашањето дали нивната куќа е на непристапна локација, Хорватиќ рече дека селото е веќе малку изолирано и дека како и другите луѓе и припаѓаат на нивната општина, но дека не биле многу „дружељубиви“.
Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ вчера потврди дека родителите биле уапсени поради смртта на две деца на возраст од околу една година.
„Длабоко сме шокирани и ужаснати од денешната истрага спроведена од полициски службеници на три полициски одделенија, ПУ Вараждин, ПУ Загреб и ПУ Сплит-Далмација во координација со Полициската управа. Тие постапија врз основа на сознанија за можно занемарување и злоупотреба на деца во заедницата на невенчани сопружници, на возраст од 38 и 34 години, кои живеат во Вараждинската жупанија“, изјави Божиновиќ за новинарите.
Според медиумите, случајот најверојатно бил откриен пред извесно време кога сопружниците биле во Сплит со нивната тригодишна ќерка, која била видно неухранета. Тогаш некој ги пријавил за запоставување на детето, по што била покрената истрага.
По апсењето на родителите девојчето е згрижено од Заводот за социјални работи.
Како што дознава „Слободна Далмација“, таткото, кој бил поранешен ватерполист и успешен музичар пред неколку години целосно се „променил“ и станал член на верска секта. Таму ја запознал и својата партнерка, професорка по музика и се оженил со неа, според обредот пропишан од сектата на која припаѓаат.
„Тој целосно се отуѓи од сите општествени и правни норми, убедувајќи се дека не му треба никаква држава или никакви правила. Со својата невенчана сопруга, реши да живее во дивина, во целосна изолација“, изјавиле соговорниците.
Заради таквите ставови сопружниците никому не го пријавиле раѓањето на своите деца, што беше потврдено и од министерот Божиновиќ.
„Со оглед на тоа што породувањата очигледно се вршеа самостојно дома, децата не беа ниту запишани во матичните книги, а воопшто немаше информации за постоењето на овие деца“, рече тој.
Божиновиќ рече дека полициските истраги откриле сомнеж оти поради грубо занемарување во воспитувањето на три деца, дошло до смрт на две деца. Според министерот, во однос на третото преживеано дете било констатирано сомнение за запоставување и малтретирање и тоа е одвоено од семејството во соработка со Хрватскиот центар за социјална работа.