Хрватска ќе го помогне евроинтегративниот процес на Северна Македонија /  Фото: Министерство за правда на РСМ

Министерот за правда на Северна Македонија, Никола Тупанчески, престојува во официјална посета во Загреб, каде што се сретна со неговиот колега, министерот за правда и администрација на Хрватска, Иван Маленица.

Главни теми на разговорот биле зајакнувањето на билатералната соработка помеѓу двете земји во делот на правосудството, како и градењето на капацитетите за водење на преговорите во делот на Поглавјето 23: Правосудство и темелни права, информираше Министерството за правда на Северна Македонија.

На средбата биле разменети мислења за прашања преку кои Северна Македонија може да извлече практични и корисни искуства од Хрватска значајни за евроинтегративниот процес.

„Хрватска е добар пример за следење во однос на исполнувањето на конкретните задолженија во правосудството за зачленувањето на нашата држава во Европската Унија. Поглавјето 23 е едно од најобемните и сложени поглавја, а брзината и времетраењето на преговорите во оваа област директно влијаат врз напредокот на преговарачкиот процес“, рече министерот Тупанчески.

Хрватскиот министер Иван Маленица посочи дека во наредниот период ќе се интензивираат соработката и дијалогот меѓу двете држави во насока на наоѓање решенија базирани на европските вредности. На средбата се разговараше и за искуството на Хрватска за ветингот во правосудниот систем, сузбивањето на организираниот криминал и корупција, како и за имплементацијата на билатералните договори меѓу двете држави и законодавната агенда.

Тупанчески и Маленица имаа свои обраќања и на Загрепско-скопскиот колоквиум што се одржа на Правниот факултет во Загреб.

TRT Balkan / агенции
Популарни