Хрватската Влада пред две недели испратила нон-пејпер, неформален дипломатски документ до Црна Гора, во кој бара решавање на неколку прашања за кои смета дека се отворени и за кои тврди дека ги нарушуваат меѓусебните односи на две земји, објави денеска Вијести.
Весникот од Подгорица се повикува на извори од Владата и дипломатски извори, според кои, Министерството за надворешни работи на Црна Гора добило документ со десет точки, во кој меѓу другото било наведено дека е потребно да се решат прашањата за сопственоста на школскиот брод за обука „Јадран“, меѓусебното разграничување, процесуирање на воени злосторства, пронаоѓање на исчезнати лица, како и прашањето за името на градскиот базен во Котор.
Хрватска во нон-пејперот, исто така, објави дека го поддржува патот на Подгорица кон Европската унија и оти инсистира на „добрососедски односи“, додека Црна Гора одговорила на секое барање поединечно.
Изворот на весникот од дипломатски кругови тврди дека МНР на чело со Ервин Ибрахимовиќ реагирало оваа недела, исто така во форма на нон пејпер, како и дека целта на документот испратен до Хрватска е да се создаде простор за дека може да се каже дека нешто се работи на решавање на спорните прашања.
Се наведува дека, меѓу другото, Црна Гора предложила формирање работна група за да продолжи дискусијата за разграничување, а на прашањето за името на базенот во Котор, одговорила дека тоа е одлука на локалната влада, дека неодамна се одржаа избори во таа општина и дека не е формирана нова самоуправа.
Заладувањето на односите на Подгорица со Загреб започна минатата зима, откако хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ, за време на посетата на Црна Гора ја откажа средбата со неговиот црногорски колега Драган Краповиќ поради, како што објасни, ставовите на Краповиќ за бродот „Јадран“ и спомен плочата на поранешниот логор Морињ во Котор.
Краповиќ претходно изјави дека Хрватска нема право да го бара „Јадран“ и дека плочата во Мориње треба да се замени со друга, „со соодветен текст“.
На плочата, откриена пред две години, се споменува „големоспрската агресија врз Хрватска“ и пишува „Се сеќаваме на злосторствата извршени за да се засрами името и духот на Црна Гора. Го изразуваме нашето жалење за сите страдања што ги преживеаја затворениците. Никогаш да не се случи повторно“.
Дополнително заострување на односите следеше на крајот на јуни, кога црногорскиот парламент ја усвои Резолуцијата за геноцидот во Јасеновац и логорите Дахау и Маутхаузен.
Специјалната советничка на хрватскиот министер за надворешни работи, Ванда Бабиќ Галиќ, изјави за „Вијести“ дека не може ниту да ги потврди ниту да ги демантира прашањата на весникот дали Загреб испратил нон-пејпер до Подгорица и ако да, на што се однесуваат барањата во него и дали од нивното исполнување зависи затворањето на четири поглавја од преговорите на Црна Гора со ЕУ до крајот на годинава.