Куната сè уште во оптек, еврото полека го презема пазарот / Photo: AA

На вториот ден откако еврото стана официјална валута во Република Хрватска, меѓу граѓаните и трговците сè уште постои делумна конфузија бидејќи сè уште се тргува и со куни и со евра.

Најголем дел во принцип се оптимисти дека целосната транзиција кон еврото ќе помине без поголеми потешкотии, така што граѓаните очекуваат придобивки од влезот во еврозоната.

Со новата година Хрватска стана членка на Шенген, но и на еврозоната, за што граѓаните, деловните субјекти и институциите се подготвуваа со месеци. Заклучно со 15 јануари куната останува во оптек, граѓаните имаат можност да плаќаат готовински во куни, на што трговците треба да го враќаат остатокот во евра, но тоа во практика сè уште не е правило бидејќи многу трговци немаат доволно евра.

На вториот ден од новата 2023 година сите картички сè уште не се во функција, а куните што ги имаа граѓаните на своите сметки, банките автоматски ги претворија во евра по фиксен курс, едно евро заменува 7,53450 куни.

Постепена транзиција

Дарко Микулец, сопственик на продавница за користени грамофонски плочи, разни носачи на звук и аудиотехника, повеќе од една година има цени истакнати и во куни и во евра бидејќи добар дел од неговиот пазар се базира на клиенти од еврозоната и странство. Тој вели дека двојното прикажување на цените и пред пропишаниот рок на почетокот на септември, било слободно, по негов избор.

„Очекувам постепена транзиција. Цените во касата ги префрлив во евра, логистиката ми е исправна, и апаратите за картичките се префрлени на евро“, рече Дарко, кој ќе ги следи упатствата на Министерството за финансии остатокот од парите да им ги враќа на клиентите во евра, без разлика во која валута граѓанинот го платил производот.

Тој додава дека сепак ќе настојува да ги мотивира купувачите да плаќаат со картичка за да не остане без залихи на евра што ги подготвил, а во текот на денот вработените ќе отидат до Финансиската агенција (Фина) за да се снабдат со дополнителни валути на евро. Денеска му е првиот работен ден во новата година, а на работа дошол еден час порано за сам да ја префрли касата во евро. Микулец, економист по струка, не очекува проблеми во работата со еврото.

Меги Грубер е фармацевт што работи во приватна аптека, но сè уште ги немала првите купувачи. Смета дека причината за тоа е што луѓето избегнуваат набавки кои не им се потребни бидејќи сè уште не се сигурни дали картичките им се функционални или не. „Аптеката е снабдена со кованици и банкноти во евра“, вели Грубер, која е информирана дека законски, како продавач, има обврска да го врати остатокот во евра, без разлика дали купувачот платил во куни или во евра.

„Банката од карши е преполна од моментот кога се отвори“, рече и додаде дека засега сè уште немала продажба.

Во која валута плаќаат граѓаните при пазарување?

Пензионерот Иван Богељиќ вели дека вчера во кафуле платил во куни, а келнерката му вратила кусур исто во куни, и му се извинила дека нема доволно ситни евра за да му врати во евра.

„Подигнав педесетина евра, имам евра и спремен сум, но имам и уште стотина куни. Ако имам потреба од поголема набавка, ќе платам со картичка. Ќе избегнувам поголеми набавки во наредните денови, мислам дека ситуацијата ќе се нормализира за една недела. Немам ништо против воведувањето на еврото, но во право се оние што мислат дека сме ја изгубиле економската независност, сега треба да правиме како што ќе ни кажат од Брисел, а дали е тоа добро или не, не знам, не сум економски експерт. Во крајна линија, мислам дека нема да биде лошо“, рече Богељиќ.

Соња, продавачка во поголем ланец на прехранбени продавници, вели дека луѓето од утринава, на првиот ден на употреба на еврото, плаќаат најмногу во куни.

„Сè функционира, имаме совршено направена програма. На почетокот имаше мали проблеми, но ги надминавме. Фирмата ни обезбеди доволно ситни и крупни [банкноти] на евра, што им ги враќаме на граѓаните“, рече Соња.

Пензионерот Мирко утрово сè уште пазарел во куни, но трговците му враќале кусур и во двете валути, во зависност од тоа каде пазарел.

„Кафето го платив во куни, ми вратија во евра. Леб купив во куни, во пекарницата ми вратија во куни“, раскажа Мирко.

„Најмал проблем е преминот кон еврото. Важно е да се има, без оглед во која валута плаќате. Ако Германците се откажаа од марката, Французите од франкот, Италијанците од лирата, што сме ние за некој да говори дека откажувањето од куната е некоја трагедија“, вели Мирко.

Тој истакна дека банкарската картичка на која му се депонира пензијата вчера не била во функција, но дека денеска сè му функционира нормално, и картичката и банкарската апликација на мобилниот телефон.

Александар Манојловиќ, келнер во кафуле, раскажа дека првиот работен ден од влегувањето во еврозоната гостите сепак најмногу плаќаат во куни.

„Ако ми плаќаат во евра, им враќаме во евра, но ако плаќаат во куни, им враќаме во куни“, рече Александар кој смета дека на тоа има право до 15 јануари, по што нема да има повеќе куни во оптек. Тој порача дека граѓаните треба да ги менуваат куните во банките и во Фина, и дека кафулињата не се менувачници бидејќи е невозможно да се снабдат со доволно евра.

AA
Популарни