Хрватска: По воведување на еврото наплатени 243.000 евра казни / Photo: Reuters

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ соопшти дека Државниот инспекторат изрекол 151 парична казна во вкупна вредност од 243.000 евра на субјектите во Хрватска кои откако е воведено еврото почнале да се однесуваат според нечесни делови пракси.

„Ќе видиме како субјектите ќе се однесуваат“, му одговори хрватскиот премиер Пленковиќ на Пеѓа Грбин (СДП), чие прашање и одговорот на премиерот предизвикаа бројни реакции, опомени, но и отстранување од седницата на Суверенистот Жељко Сачиќ.

Грбин го потсети премиерот на изјавата дека кафето по воведувањето на еврото ќе поскапи 2 до 3 липи, тврдејќи дека сите во Саборот (Парламентот) го предупредувале што ќе се случи по воведување на еврото и потребата Владата да реагира.

Премиерот Пленковиќ истакна дека доколку економските субјекти продолжат со истото однесување, казните ќе продолжат и нагласи дека Владата потоа има три опции. Тие се укинување на субвенциите, дополнителни даноци и враќање на цените на претходните рокови. Пленковиќ потсети дека Владата на Хрватска во минатата година за граѓаните и економијата дала три пакети помош вредни 3,6 милијарди евра.

„Неоправдано покачување на цените“

Министерот за економија на Хрватска Давор Филиповиќ во хрватскиот Сабор порача дека најдобра „педагошка мерка“ за сите оние кои неоправдано ги покачиле цените, е посета на инспекторатите, како и посета од даночната и царинската управа.

Тој повтори дека наодите на инспекторатите покажаа дека околу 30 отсто од субјектите неоправдано ги покачиле цените и дека по посетите на инспекторите цените се враќаат на нивото од 31 декември.

Хрватска од јануари оваа година стана 20-та земја членка на еврозоната. Ова е прво проширување на еврозоната од 2015 година кога се придружи Литванија. Европскиот парламент оцени дека Хрватска ги исполнува сите критериуми за воведување на еврото.

Со прифаќањето на еврото, Хрватска се придружува на Евросистемот, кој го сочинуваат Европската централна банка и централните банки на државите членки на еврозоната, а гувернерот на Хрватската народна банка влегува во Управниот совет на Европската централна банка.

TRT Balkan / агенции
Популарни