Хрватска со поддршка за европската перспектива на Северна Македонија     Фото: АА

Северна Македонија и Хрватска потпишаа Меморандум за разбирање во областа на дипломатската обука, по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, беше домаќин на министерот за надворешни работи и европски прашања на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во официјална посета.

Министрите остварија билатерална средба, а потоа беше потпишан и меморандум од областа на дипломатската обука.

Министерот Османи на заедничката прес-конференција рече дека двете земји имаат добри и блиски односи и додаде дека развојот на регионот и интегративниот процес се заеднички интерес.

„Особено сум задоволен што потпишавме и меморандум за разбирање меѓу министерствата за надворешни работи во областа на дипломатското усовршување, со што ќе се овозможи размена на искуства, знаење, и се надевам, зголемен обем на заеднички обуки и програми меѓу нашите две институции“, истакна Османи.

Тој исто така рече дека минатата година трговската размена меѓу двете земји забележа пораст од околу 20 отсто, додавајќи дека сепак тоа не ги одразува одличните политички односи.

Министерот за надворешни работи и европски прашања на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, истакна дека неговата земја дава силна поддршка на евроатлантската перспектива на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан.

Пристапни преговори на Северна Македонија и Албанија

Потсети дека на Самитот за Западен Балкан организиран за време на хрватското претседателство со Европската Унија (ЕУ) пред две години, беше усвоена декларација за проширување и европска перспектива за земјите од регионот.

„Токму на наша иницијатива, на иницијатива на Хрватска, беше донесена одлуката за отворање пристапни преговори за Северна Македонија и Албанија. Искрено се надеваме дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи што е можно поскоро и дека ќе започнат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија“, рече хрватскиот шеф на дипломатијата.

Тој ги пофали и активностите на Северна Македонија за унапредување на позицијата на хрватската заедница во земјата.

Грлиќ Радман рече дека е од стратешки интерес на Хрватска да се зајакне отпорноста на регионот, особено со оглед на актуелната геостратешка ситуација и војната во Украина.

Три децении од воспоставувањето дипломатски односи

Тој особено ги истакна претстојните избори во Босна и Херцеговина, за кои рече дека ќе бидат предизвикувачки и дека „актуелниот изборен закон е дискриминаторски“.

Покрај средбите во Министерството за надворешни работи, во вечерните часови во Филхармонијата ќе се одржи свечен настан, со концерт на „Хрватска клапа“ и фолклорни ансамбли од Северна Македонија, по што ќе се одржи и соодветен прием на кој заеднички ќе биде одбележана 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Хрватска.

AA
Популарни